Зголемените приходи на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОМ) не се доволни за покривање на дефицитот за исплатата на корисниците, и покрај тоа што дури 37,5 отсто од вкупните приходи на ПИОМ се од државниот Буџет.
Дополнително, поради различни грешки, идните пензионери не ќе може да остварат целосни пензии, констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизиите на финансиските извештаи, како и во ревизијата за усогласеност на ПИОМ во 2021 година.
Проблематично е и тоа што извршители неосновано повлекуваат пари од Фондот на ПИОМ врз основа на извршување врз пензионери поради различни долгови.
Утврдени се одредени суми пари што му се уплатени на Фондот, но поради недобиени податоци за вработување и регистрација, како и поради грешки при внесувањето податоци од страна на други институции, овие пари сега Фондот на ПИОМ не може да ги повлече, односно поради нечии грешки, осигурениците (идните пензионери) не ќе може да добијат целосни пензии.
Ревизорите утврдиле и слабост во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција, коишто пак го оневозможуваат утврдувањето на веродостојноста и целосноста на податоците потребни за остварување на правото на пензија или инвалидска пензија.
Дополнително, поради ненавремена достава на податоци од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците, има неоснована исплата на пензии, а низок е процентот на поврат на пари од вакви постапки во минатото, констатирал ДЗР.
Инаку, во 2021 година имало порасти од 6,38 отсто на приходот од наплатени придонеси од идните пензионери во однос на 2020 година, но и тоа е далеку од потребното за надминување на дефицитот во Фондот на ПИОМ, а дополнително во 2021 година во однос на 2020, за 3,8 отсто пораснал износот на исплатените пензии, констатирале државните ревизори.
Поради овие и други закономерности, како и поради падот на популациските бројки, ДЗР очекува во иднина да расте дефицитот на ПИОМ, што ќе мора да се покрива директно од државниот буџет.