Радиологија е една од најпроблематичните точки во здравството, но работиме на решавање на проблемите, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, при денешната посета на велешката ЈЗУ Општа болница, откако вчера Државниот завод за ревизија откри серија неправилности во однос на тоа како се користи магнетната резонанца во јавните здравствени установи во земјава.
Меџити рече дека бил запознаен со извештајот пред две недели, откако лично му го презентирал Државниот ревизор со сите советници и соработници.
„Вие сте сведоци дека во неколку наврати ние веќе интензивно десет месеци работиме, како со другите проблематики, така и со проблемот за радиологија. Јас уште на почетокот кажав дека ќе ја централизираме сета радиологија која ќе биде во Клиниката за радиологија и нема да има потреба од радиолози во целата држава, туку само техничари коишто ќе го вршат тоа снимање и онлајн нашите колеги радиолози ќе можат да ги прочитаат. Но, тоа е процес што трае и ние сме многу внимателни кога ќе донесеме одлука како тоа понатаму да го решаваме“, изјави Меџити.
Ревизорите открија дека обемот на услуги во однос на снимањата со магнетна резонанца во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година, иако бројот на апарати е двојно зголемен – од седум на 14. Додека во Македонија се изведуваат 2.800 снимања од апарат годишно, во другите држави се изведуваат од 4.000-9.000 снимања по апарат.
Дополнително, Државниот завод за ревизија отвора сомнеж за „изгубени“ околу 200 илјади евра од партиципацијата на граѓаните, бидејќи нема трага на кој начин е извршена наплата на услуги од Фондот за здравство во вредност од 1,8 милиони евра за магнетна резонанца.
Им нема трага на 1,8 милиони евра за услуги со магнетна резонанца, утврди ДЗР