Двајца мажи на возраст од 23 и од 50 години починале на Клиниката за инфективни болести во Скопје во тешка состојба, а Комисијата за заразни болести при Мининистерството за здравство сè уште не сака да ги соопшти причините за смртта. Од таму велат дека симптомите одговараат на повеќе болести, а официјалната причина ќе се знае по спроведените анализи.

Пациентите на клиниката биле примени во тешка состојба, со висока телесна температура и во бесознание, со сериозни проблеми со црниот дроб, бубрезите и со проблеми при засирување на крвта.

Звонко Миленковиќ, претседател на Комисија за заразни болести, информираше дека едниот пацинет починал денеска, а другиот пред три дена. Едниот пациент починал три дена по приемот на Клинката, а другиот неколку часа откако бил примен.

Тој не сакаше да ја каже причината за сериозната здравствена состојба на пациентите и само кажа дека двајцата се роднински поврзани и дека на Клиниката за инфективни болести сега лежат уште четворица пациенти со исти симптоми од кои дел се роднински поврзани со починатите.

– Нема никаква потреба да се создава паника кај населението бидејќи не станува збор за болести со висок степен на заразност и се сомневаме дека болеста можеби била пренесена од некои животни, а здравствените власти, односно центрите за јавно здравје, ги преземаат неопходните мерки во ваква ситуација – рече Миленковиќ, појаснувајќи дека починатите биле од Гостиварско.

Миленковиќ додаде дека клиниката не е во карантин туку дека пацинетите се во изолација на клиниката.