Државната лабораторија за животна средина ќе се сертифицира за мерење на аерозагадувањето

Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Државната лабораторија за животна средина ќе се сертифицира за мерење на загадување на воздухот од стационирани извори. Оваа институција има сертификат за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија и минатата година го заврши процесот на акредитација за шест методи за квалитет на вода и една методa за бучава. Минатиот месец, пак, официјално започна и процедурата за првата метода за воздух со набавката на нов инструмент за мерење на емисии од стационарни извори. Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека во зависност од тоа дали ќе има забелешки, процедурата се очекува да заврши најбрзо до јануари, а најдолго до мај, идната година.

„За да се воведе, односно да се сертифицира нова метода, таа треба да се пријави во Институтот за акредитација на Република С. Македонија, а потоа се проверува и се додава кон акредитираните методи. Доколку Институтот има забелешки или несообразности, дава рок до три месеци за отстранување, пред да се добие сертификатот. Во однос на методите за квалитет на воздухот, лабораторијата ќе пријави најмалку една“, посочуваат од министерството.

Новиот инструмент за кој минатиот месец беше распишана јавна набавка ќе се користи за мерење на емисии во воздух од стационарни извори. Дополнително, информираат од министерството, во склоп на Регионалниот проект на IAEA – RER7011, набавен е уште еден инструмент, кој веќе е поставен во Централната лабораторија и ќе се користи за детекција и анализа на Black carbon во фракции на PM10 и PM2.5.

„Со овој инструмент ќе се овозможи анализа на концентрации на тешки метали во фракциите на PM10 честичките, за да се утврдат главните сектори на загадувањето, индустријата, транспортот, домаќинствата… и ќе ни овозможат да се направи приоретизација на мерките за намалување на аерозагадувањето“, информираат од Министерството за животна средина.

Акредитирањето на Државната лабораторија за мерења на емисиите во воздухот беше едно од најчесто повторуваните барања на еколошките организации и беше опфатено во еден од амандманите на буџетот за годинава, кои во Собранието го поднесоа еколошките активисти од О2 Иницијатива.

Екологистите повеќе години наназад апелираат да се забрза процесот на акредитација на Централната лабораторија за мерења на квалитетот на воздухот, за да се помогне во работењето на Државниот инспекторат за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување.

Лабораторијата постои повеќе од четири децении, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година, но нејзините мерења на разни параметри на загадувањето досега не можеа да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина.

Досега, инспекторите мораа да се ослонуваат на мерењата кои ги прават самите индустриски капацитети, или пак примероци да испраќаат во приватни лаборатории кои се акредитирани. Поради тоа што овие лаборатории честопати беа ангажирани и од самите компании, еколошките здруженија и стручната јавност укажуваа на можен судир на интереси и пристрасност во утврдувањето на фактичката состојба со мерењата на аерозагадувањето.