Друштвото на писателите на Македонија ги додели книжевните награди за 2021 година

Ergita Sela / Unsplash

Друштвото на писателите на Македонија ги додели традиционалните книжевни награди за најдобри поетски и прозни остварувања во 2021 година.

Во конкуренција за книжевните награди беа значајни македонски писатели, но при изборот стручното жири мораше да селектира четири најдобри романи и поетски книги.

За најдобра книга за деца и млади со наградата „Ванчо Николески“ беше избран романот „Имаш пчела на носот: роман за њутајмер и олдтајмер тинејџери“ од авоторот Венко Андоновски во издание на „Паблишер“. Останатите романи кои беа блиску до изборот се „Ти носам пустински песок“ од Винка Саздова и „Ѕвездена џунгла“ од Јагода Михајловска – Георгиева, како и книгите поезија „белиот предел“ од Тоде Илиевски и „Баба Рога вежба јога“ од Ванчо Полазаревски. За конечниот избор одлучуваше стручното жири во состав на Маријана Стојановска, Мито Спасевски и Ресул Шабани.

Наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување во 2021 година му беше врачена на Ивица Челиковиќ за романот „Ден за одмазда“ во издание на „Паблишер“. Во потесниот круг за оваа нарада беа издвоени и делата „Престапн години“ од Оливера Ќорвезироска, „Лебед“ од Ана Стојановска, „Како го убив Мандрак“ од Трајче Кацаров и „Отпадот од духовните конејнери“ од Јован Дамјановски. Во состав на жири комисијата која одлучуваше беа Љупчо Силјановски, Лилјана Пандева и Михајло Свидерски.

Во трката за наградата за најдобра поетска книга во 2021, „Ацо Шопов“ беа стихозбирките „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски и „Гранична состојба“ од Лилјана Димковска, а наградата ја доби збирката „Великата лирска песна: песни за Неа“ од Санде Стојчевски во издание на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје. За оваа награда во стручното жири беа Катица Ќулавкова, Гордана Михаилова Бошнаковска и Јулијана Величковска.

Наградата за најдобра критичко-есеистичка книга, „Димитар Митрев“ му припадна на Димитар Пандев за неговото дело „Времето на Конески“ во издание на „Панили“, Скопје. Одлуката ја донесе комисијата составена од Иван Џепароски, Наташа Аврамовска и Атанас Чупоски. Покрај награденото дело, како најдобри беа издвоени и „Слободата на стихот“ од Сузана Спасовска и „Книжевноста низ критичка визура“ од Ана Мартиноска.

Од ДПМ соопштија дека на распишаниот конкурс за книжевната награда „Мост“ за книга напишана на еден од јазиците на националностите оваа година не биле доставени книги во конкуренција.