„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска ја доби наградата „Роман на годината 2023“

„Единствен матичен број“ е четврти роман на Димковска. Наградата „Роман на годината“ се доделува по 25-ти пат

Илустрација на фотографии од Струшки вечери на поезијата и Издавачки центар ТРИ

Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за победникот одлучуваше жири-комисија составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.

„Единствен матичен број“ е во издание на издавачкиот центар „ТРИ“. Ова е четврти роман на Димковска, а нејзиното дело „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.

„Роман на годината“ се доделува по 25-ти пат. Се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Во најтесен избор за наградата годинава влегоа и романите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски, „Заборав“ од Томислав Османли, „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска и „Зелениот дворец“ од Сибо.