Откако денеска во Собранието беа изгласани измените на Законот за данок на добивка и Законот за данок на додадена вредност, но и новиот Закон за солидарност, набргу потоа реагираше Стопанска комора на Северна Македонија, која остро ги критикува одредбите на третиот закон. Порача дека овој закон е со погрешни мерки и ќе има погубни резултати врз бизнисот.
„Погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава е Законот за данок за екстра оданочување, популистички наречен данок на солидарност. Покрај што во самото создавање на законот воопшто не беа земени во предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат, вака како што е донесен ќе направи непоправлива штета за компаниите“, порача Стопанска комора.
Законот пред сѐ се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда, се вели во реакцијата. Одредбите на законот ќе бидат погубни врз бизнисот, порачува Стопанска комора.
„Трошоците за Данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворање на фискалната година, распределбата на дивиденда, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии. Оној што малку се разбира во деловно и финансиско работење, знае колку погрешни се овие мерки и колку погубни резултати ќе има врз бизнисот“, се вели во реакцијата.
Стопанска комора уште обвинува дека не постои пример во светот каде „се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и дестимулира“.
Според комората, законот е комплетно погрешно ориентиран и само ќе ги оштети тие што веќе си ги исполнуваат даночните обврски.
„Ваков закон се носи за најголемите плаќачи на данок и тие што ја полнат државната каса. Со носењето на овој закон владата испраќа порака дека плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се за сметка на неплаќачите на данок, кои сега се посебно стимулирани“, се вели во реакцијата.
Негативните ефекти ќе се видат и во полето на инвестиции, а македонската економија ја губи својата иднина, порачува Стопанска комора.
„Концептот на данокот ги демотивира субјектите за нови инвестиции, затоа што повисок данок ќе платат субјектите кои реинвестираа од добивките во претходните три години, што претставува лоша порака за идните инвеститори. На ваков начин, со дополнително „казнување“ на оние што ја крепат државната економија и што го развиваат БДП на државата, македонската економија нема иднина“, се вели во реакцијата.
Според Министерство за финансии, пак, станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза и ќе носи само позитивни ефекти.
„Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата… Опфаќа компании кои оствариле промет над 615 милиони денари во минатата година, а ќе го опфати делот кој претставува зголемување на добивката за 20 отсто во однос на просекот од претходен 3-годишен период. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на ЕК, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг“, велат од Министерството за финансии.
Во однос на измените на Законот за ДДВ, според министерството, се врши усогласување со Директивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери.
Но, овој закон носи и други измени, како што е намалување на ДДВ за нови станови од 18 отсто на 5 отсто и тоа за првите пет години по изградбата. Ќе има намалување на ДДВ на 10 отсто и на прехранбени производи што не влегуваат во основна храна.