Кривичниот совет при Основниот кривичен суд му одреди куќен притвор на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на чаирскиот огранок на ДУИ, и на уште три лица за упадот во Македонската навигација (М-НАВ).
Четворицата ќе бидат во притвор во траење од 30 дена, а за нив ќе има и дополнителни мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти или врски меѓу осомничените и со оштетениот.
Од Кривичниот суд информираат дека поради доследно информирање на јавноста и сузбивање на сите шпекулации и недоразбирања, потребно е да нагласат дека според сите досега доставени факти и податоци, упадот не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата.
„Но, факт е дека осомничените презеле одредени дејствија кои е потребно дополнително да се истражат за да се утврди фактичката сосотојба. Заради сето тоа, Советот донесе решенија за определување мерки со кои ќе обезбеди дополнителна гаранција за понатамошната достапност на овие четворица осомничени“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Надзорот над куќниот притвор, согласно решенијата е во надлежност на МВР, а против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата.
На денешната јавна седница обвинителот Дејан Петрески образложи дека постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, и дека ефективниот притвор е единствената мерка со која ќе се обезбеди нивното присуство.
Адвокатот на Незири, Еленко Миланов, рече дека инцидентот не се случил во контролната кула на М-НАВ туку во други простории. Тој исто така изјави дека Незири не бил директен учесник, туку сè се одвивало зад негов грб.
„Во овој настан ниту има нешто што се случува во контролната кула, ниту има во контролната или пак во близина на контролата кула ниту пак со лице кое во тој момент треба да извршува свои обврски во контролната кула. Беким се јави во рок од половина на час на поканата на полициската станица, ги даде сите свои наоди, и денеска се појави пред судот што јасно укажува дека нема намера да бега, туку сака да докаже што реално се случило, во коешто тој нема никаков допринос затоа што тој настан се случува зад неговиот грб од други лица без негово учество, ниту пак од лице кое влегува со него во простории во зградата на М-НАВ“, рече Миланов.
Инаку, четворица од осомничените сè уште се недостапни за полицијата. По нив во овој момент се трага со централен распис и доколку не бидат пронајдени во земјава и за тоа МВР го извести обвинителството и се побара од судот да им определи притвор во нивно отсуство, тогаш по нив ќе биде распишана меѓународна потерница.
Инаку, инцидентот се случи минатата недела, кога осум лица упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје и нападнаа контролор на летање. Четворица од нив се во бегство, додека за останатите четворица, меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, судијата на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор, туку единствено наложи мерки на претпазливост. На ова, обвинителството поднесе жалба, која вечерва делумно беше прифатена од Кривичниот совет.
Владата на седница на Надзорниот одбор на М-НАВ предложи разрешување на Фахрудин Хамиди, извршен директор во М-НАВ, и на Љубе Стаменковски, секторски- технички директор.
За нови директори предложени се Хекуран Асани (контролор на летање) и Милан Кораќ (оперативен инженер техничар во М-НАВ).