Дојава за бомба во две основни училишта во Скопје, учениците евакуирани

Учениците од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ денеска беа евакуирани од училиштето поради дојава за бомба | Фото: Мета.мк

Покрај дојавите за бомба во осум средни скопки училишта, денеска за прв пат откако се испраќаат серија лажни закани, порака за поставен експлозив стигна и во основните училишта „Петар Поп Арсов“ и „Кочо Рацин“.

Денеска по 15 часот, на електронската адреса на основното училиште „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4, стасал мејл со заканувачка содржина во која е наведено дека е поставен експлозив во училиштето, објавено е на фан-страницата на Фејсбук на општината Карпош. Оттаму информираат дека по приемот на пораката веднаш била известена полицијата, а дека децата биле безбедно евакуирани.

Во исто време, поладнево и општина Центар информира дека стасал мејл со закана за поставена бомба во основното училиште „Кочо Рацин“. Оттаму соопштија дека станува збор за лажна дојава.

„Откако на е-адресата на основното училиштето е упатена закана за поставена експлозивна направа, веднаш е пријавено во Министерството за внатрешни работи по што полициски службеници веднаш го евакуираа училиштето. Преземени се сите мерки и антитерористички проверки, при што утврдено е дека станува збор за лажна пријава“, наведено е во соопштението од општината.

Денеска, во втората смена, повторно стаса дојава во осум средни училишта, деветта по ред. Мета.мк успеа да добие копии од содржината од повеќето лажни дојави за бомби. Денешната, испратена од „ANTIY Gre“, е насловена „Во училиштето се поставени огромно количение експлозив“, а во самата содржина на пораката е наведено дека сите ќе биле убиени со „коли, бомби, ножеви“.