ДИЖС по проверките за загадената вода во канали за наводнување во Кочанско нема да ја затвори „Пејпер Мил“

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека, по пријавување за загадување на водите во Кочанско, спроведен е надзор на посочени локации на западниот и на источниот дел на градот.

Во западната зона немало основа за постапување на инспектор, бидејќи белата течност што била забележана покрај патот потекнува од излевање на шахта на колекторот поради обилните дождови, соопштија од ДИЖС.

„Дезинформација е дека индустријата во овој дел на градот врши загадување на каналите за наводнување, бидејќи инсталациите, вклучувајќи ги преработката на млеко и текстил, кои може да ги обојуваат отпадните води, се приклучени на колекторот и понатаму се пречистуваат во пречистителна станица. Преполнувањето и излевањето на шахтата може да се избегне со изведување на сепаратна атмосферска мрежа, што општината планира да го реализира“, се вели во соопштението на ДИЖС.

Надзорот, пак, во источната индустриска зона опфатил девет правни лица, од кои само една, инсталација за производство на метални конструкции, е во надлежност на ДИЖС, а останатите осум (стоваришта, конфекција, вулканизер, производство на запчаници и прехранбена индустрија) се во надлежност на овластен инспектор за животна средина.

ДИЖС информира дека пет инсталации се задолжени од овластениот инспектор во законскиот рок од 90 дена да изработат и добијат одобрување на Елаборат за заштита на животната средина, бидејќи истите досега работеле без никакви еколошки стандарди. Во спротивно, ќе бидат санкционирани.

„Во источната индустриска зона, во отворен канал без пречистување се испуштаат отпадните води од Пејпер Мил (надлежност на државен инспектор), едно стовариште со сопствено автомеханичарско одржување на возен парк и конфекција (и двете во надлежност на локален инспектор). Останатите субјекти немаат отпадни води. Отворениот канал преминува во канал за наводнување во состав на Водостопанство Брегалница – подрачна единица Кочани. На делницата до Слатина, водите од каналот се видно загадени, а потоа се разблажени со мешање на вода од Оризарска Река“, соопштија од ДИЖС.

Неодамна инспекторатот земал мостри од отпадната вода на Пејпер Мил, што ги испитуваше акредитирана лабораторија и притоа не биле утврдени отстапувања во однос на граничните вредности од А интегрираната еколошка дозвола за биолошка потрошувачка на кислород, хемиска потрошувачка на кислород, амониак и вкупен фосфор. Поради тоа, не се исполнети условите за затворање на инсталацијата.

Но, во рамки на претходен надзор, инсталацијата е задолжена да ги исчисти лагуните за поефикасно таложење на целулозните влакна од технолошките отпадни води, како преодно решение до пуштањето на пречистителната станица во функција.