Дизајнерката Мирјана Јосифоска ја презентираше новата колекција на „Моден викенд Скопје“

Извор: Моден викенд Скопје, фотографија на Меланија Николовска

Младата модна дизајнерка Мирјана Јосифоска синоќа во „Јавна соба“ ја презентираше нејзината најнова колекција „Циклус/Cycle“. Мирјана Јосифоска е млада модна дизајнерка со повеќегодишно искуство во изложби на своите креации, а позната е по своите рачно изработени шапки со занаетчиски техники кои се дизајнирани на видно уникатен начин и за кои во емисијата „Шорткат“ веќе објавивме прилог.

Материјалите што ги користи дизајнерката Јосифоска се исклучиво одржливи, етички, од природно потекло, рециклирани и произведени во Македонија. Поголемиот дел од шапките се создадени од 100% волна или материјали од природно потекло, како свила, лен, памук и вискоза.

При креација на модните додатоци, материјалите ги користи максимално, а останатиот отпад се рециклира и употребува за врвките со коишто се пакуваат шапките.

„Како дизајнерка која одлучно се обидува да ја покаже важноста на работата со одржливи и еколошки дизајни, овој пристап на работа дополнително ја поткрепува нејзината дизајнерска филозофија и циркуларноста кај текстилот. Своите почетоци ги има изградено со креирање неколку шапки за нејзината прва колекција „Спомен на еден град“. Како што изминувале годините, така растел интересот и вложеноста кај секоја следна колекција. Сепак, она што нам ни е фасцинантно е нејзината неисцрпна мотивација“, велат од тимот на „Моден викенд Скопје“.

Нејзината четврта колекција „Циклус/Cycle“ ги следи стапките на македонскиот народен фолклор.

На изложбата можеа да се проследат 10 модела изработени од Мирјана Јосифоска, од кои седум се шапки и пет се модни додатоци за коса во бела, зелена, црвена, сина и црна боја.

„Ова се боите што можат да се најдат на македонската народна носија, а тие вечерта ги обоија и просториите на „Јавна соба“ и го раскажаа своето значење. Па така, видовме два модела во бела боја – невиност и почеток, два во зелена боја – среќа и плодност, два модела во црвена боја – љубов, војна и крв, два модела во сина боја – лојалност, меланхолија и тага, и два модела во црна боја – смрт и крај. По овој редослед е претставен и еден циклус – циклус на животот“, појаснуваат од „Моден викенд Скопје“

На ревијата беше претставен и најновиот модел на шапка и додаток за коса „Дениција“, чијшто основен мотив и мотивација било истоименото дело на Петре М. Андреевски.

Придонес на модната ревија имаше и Марија Кондовска со нејзиното поетско читање на пет песни од стихозбирката на Петре М. Андреевски за време на ревијата.

За шминката на манекенките се погрижи Школата за Убавина Арт, додека за фризурата се заслужни студентите на средното училиште „Димитар Влахов“.

Моделите се дел од модната агенција „Подиум“, а како дел од нивниот изглед беа и биоразградливите хулахопки Four Twenty Two.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

За фото-продукцијата беше задолжена Меланија Николовска.