„Адоби“ и „Фигма“ се откажаа од спојувањето

Договорот се сметаше како начин „Адоби“ да ја зајакне својата доминација на пазарот за дизајн и „Фигма“ да добие пристап до огромните ресурси и досегот на „Адоби“

Photo by Shubham Dhage on Unsplash

Компаниите „Адоби“ и „Фигма“, два главни играчи во светот на софтверите за дизајн, го откажаа планираното спојување. Компаниите ја објавија одлуката пред два дена, наведувајќи го како причина недостатокот на јасен пат до одобрување на спојувањето од регуларните органи во Европската Унија и Обединетото Кралство.

Предложеното спојување, кое првпат беше објавено во септември 2022 година, ќе овозможеше „Адоби“ да ја купи „Фигма“ за мешавина од готовина и акции во вредност од 20 милијарди долари.

Алатките за соработка базирани на облак на „Фигма“ им овозможуваат на креативните професионалци да работат заедно во реално време. Договорот се сметаше како начин „Адоби“ да ја зајакне својата доминација на пазарот за дизајн и „Фигма“ да добие пристап до огромните ресурси и досегот на „Адоби“.

Сепак, од самиот почеток, регулаторите изразија загриженост околу можно намалување на конкуренцијата на пазарот на софтвери за дизајн. Европската комисија и Управата за конкуренција на Обединетото Кралство започнаа истрага за спојувањето, по што стана јасно дека е малку веројатно спојувањето да се случи.

Регулаторните тела на ЕУ и Велика Британија укажаа на преклопување на производите на двете фирми и дека во ваков случај „Адоби“ ќе доминира на пазарот, имајќи предвид дека под оваа компанија се и „Фотошоп“ и „Илустратор“.

Во заедничка изјава, „Адоби“ и „Фигма“ велат дека не се согласуваат со наодите на регулаторите, но и оти заеднички се согласиле да го прекинат спојувањето. Компаниите рекоа дека и понатаму веруваат во „про-конкурентните придобивки од спојувањето“, но и оти во нивен најдобар интерес е да продолжат понатаму независно.