Твитер повеќе не постои како компанија, се спои со „Екс Корп“

Илон Маск, кој го купи Твитер за 44 милијарди долари минатата година, се стремеше да го изгради она што тој го нарекуваше „Х, апликацијата сè“

фото: Alexander Shatov на Unsplash

Твитер повеќе не постои како ентитет, откако „Твитер, Инк“ (Twitter, Inc.) се споила со „Екс Корп“ (X Corp.) корпорацијата, според судската пријава за промена на името поднесена во Калифорнија, САД.

„Техкранч“ јавува дека бидејќи Твитер повеќе не е јавна компанија, не мора да пријавува ажурирања како промена на името, но новото име било забележано во документ од 4 април кој е поврзан со тужбата на екстремно десничарската активистка Лора Лумер против Твитер и Фејсбук.

„Twitter, Inc. е споен со X Corp. и повеќе не постои“, се наведува во документот.

Американските медиуми пишуваат дека Маск наводно ја потврдил веста преку твитање на „Х“.

Илон Маск, кој го купи Твитер за 44 милијарди долари минатата година, се стремеше да го изгради она што тој го нарекуваше „Х, апликацијата сè“. Тој најави трансформирање на Твитер од платформа за социјални медиуми во апликација за сè – од резервирање билети, преку испраќање на пораки, до плаќање преку мобилен телефон.

Медиумите забележуваат дека името на корпорацијата потекнува од „X.com“, стартапот за финансиски услуги на Маск кој се претопи во „Пејпал“. Знакот „Х“ се наоѓа и во името на другата негова компанија – „Спејс Екс“ (Space X).

Овој потег може да се смета како следен чекор на Маск кон изградбата на замислената супер-апликација, но „Техкранч“ пишува дека милијардерот засега нема одлични резултати при следењето на плановите и дека предложената апликација „Х“ изгледа многу далеку.