На 14 октомври ќе се отвори студентската изложба за дизајн „Децениум“

На 14 октомври во пет изложбени простории во центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ ќе се отвори студентската изложба за дизајн „Децениум“, информираат од Школата за дизајн, уметност и технологија.

Станува збор за завршна изложба на студентите од Академиите за графички дизајн, моден дизајн, ентериер и продукт дизајн, визуелни уметности (мултимедија) и веб дизајн (UX/UI+).

Публиката ќе има можност да погледне повеќе од 500 дела на 70 студенти од генерацијата 2021/2022 и тоа: фотографии, илустрации, филмови, графички дизајн решенија, дизајн на мебел, проекти за ентериерно уредување, модни креации и модни илустрации, како и работни процеси, технички цртежи, скици и слично.

„Ова е навистина посебен ден за нас кој ни носи спомени и резултати од една прекрасна дванаесет месечна дружба со студентите и менторите, но и радост и возбуда за новите почетоци на генерацијата 2022/2023 чија настава ќе започне на 17 октомври“, велат организаторите.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија и Скала магазин. Повеќе информации за настанот и учесниците можете да најдете на следниов линк.