Лицата кои ги претепале редарите биле снимени пред да го сторат чинот | Фото: Град Скопје

Двајца градски комунални редари денес околу пладне биле нападнати на некогашната скопска депонија Вардариште од засега непознати лица кои таму незаконски депонирале отпад, а еден од редарите се здобил со тешки телесни повреди и бил итно префрлен во Градската општа болница „Св Наум Охридски“.

„Вработени на Градскиот Инспекторат денеска на Вардариште беа брутално нападнати од лица кои беа затекнати како истураат отпад на незаконски начин, на поранешната градска депонија Вардариште, при што едниот колега е сериозно повреден и се наоѓа во шок-соба“, изјави Мирослав Богдановски, директор на Инспекторатот на Град Скопје за Мета.мк.

Според него, крајно време е надлежните државни институции сериозно да го сфатат проблемот со нелегалните собирачи на отпад кои се одомаќиниле на Вардариште и да превземат одлучни мерки за расчистување на криминалните дејства на организираните групи кои делуваат на тој простор.

„Тоа не само што сериозно ја загрозува безбедноста на комуналните инспектори и редари кои се обидуваат да спроведат ред иако немаат овластувања да легитимираат и да ги апсат сторителите дури и кога ќе ги фатат на дело, туку ваквата состојба значи директен атак врз здравјето на граѓаните бидејќи од Вардариште речиси секојдневно се загадува воздухот, почвата и водите“, додава Богдановски.

Од Министерството за внатрешни работи само кратко известија дека денеска (11.05.2020) околу 11,45 часот на ул.Перо Наков е пријавено нарушување на јавниот ред и мир.

„Според пријавеното, четири лица со комбе со скопски регистарски ознаки  истоварале шут. Истите додека го истоварале шутот дошле лицата В.Т (1970)  и М. Ѓ (1982) вработени како Комунални Испектори во Град Скопје. Лицата ги нападнале инспекторите, а В.Т е префрлен во ГОБ Наум Охридски. Се работи на расчистување на случајот“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи во врска со случајот на Вардариште.

Ова не е прв пат да дојде до инцидент помеѓу нелегалните собирачи на отпад и градските комунални инспектори и редари.