fbpx

Директорката на прилепската болница: Животите на пациентите зависат од апаратите кои се приклучени на струја

-

Луѓето од обезбедувањето на модуларната болница во Прилеп вчера случајно забележале дека вратичето од струјното сандаче е обиено, но важно е дека пациентите кои се хоспитализирани, се безбедни. Ова за „Мета.мк“ го изјави в.д. директорката на Општата болница Кети Смилеска, откако Министерството за здравство денеска соопшти за случајот на вандализам во болницата.

Вознемирена од настанот, во телефонскиот разговор за „Мета.мк“, Смилевска кажа дека не знае каква била намерата на сторителот.

„Ова не знам кога точно се случило. Тоа вратиче се отвораше со клуч, сега е скршено. Вчера имаше ветар, па од ветарот се отворило, а тоа луѓето од обезбедување го забележаа и веднаш алармираа. Не знам која била намерата на сторителот. Ние овде никогаш сме немале проблем со доток на електрична енергија. Респираторите и  пациентските монитори се врзани за струја и тие немаше да работат ако немаше електрична енергија, со што ќе беа загрозени животите на пациентите. Но, тоа за среќа не се случи. Ова е прв пат да се случи вакво нешто откако постои модуларната болница од 2 март“, вели Кети Смилеска.

По овој инцидент, Смилеска побарала дополнителна асистенција од полицијата која ќе патролира навечер околу објектот.

„Пред околу еден месец имаше пожар во близина на модуларната болница, но тоа не знам дали има некаква поврзаност со овој инцидент. Овде се лекуваат 17 пациенти, од кои двајца се тешки случаи на респиратор, а другите се со средно-тешка клиничка слика. Ние досега ниту еднаш не ја затворивме болницата, дури и во време кога немаше потреба да работи. Во модуларната болница има место вкупно за 34 пациенти. Пролетоска беше преполна, кога и сите одделенија во болницата беа ковид-центри“, вели Смилеска.

Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.

„Имало физичко оштетување на таблата за електрична енергија од модуларната болница во Прилеп. Обезбедувањето на болницата забележило дека таблата од надворешната страна на болницата е отворена со хебла и го известиле електричарот од болницата, а веднаш била повикана и полиција. Струјата во модуларната болница е во функција, бидејќи надворешната табла не врши дотур на електрична енергија на опремата во болницата. Министерството за здравство апелира до надлежните институции за што побрзо расчистување на случајот“, информираа денеска од Министерството за здравство.

На 8 септември под неразјаснети околности изгоре модуларната болница во Тетово, а во пожарот загинаа 14 лица. Истрагата е во тек.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бизнис идеите на младите презентирани на првиот ден од Стартап Викенд Охрид

Викендов, од 26 до 28 април се организира второто издание на Стартап Викенд Охрид, настан кој е најголем од ваков тип во државата, а кој започна вчера попладне и...