Амбасадорката Галовеј за МИА: Конференцијата за климатски промени во Глазгов цели да се испорача договореното од Париз

Фото: Порталб.мк

Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј во денешното интервју за агенцијата МИА акцентот го стави на претстојната Конференција за климатски промени на ОН – КОП 26, којшто ќе се одржи во Глазгов. Настанот е закажан за периодот од 31 октомври до 12 ноември, а амбасадорката Галовеј вели дека британската влада минатата година најавила амбициозен климатски акциски план со 10 точки, при што ќе се инвестираат 12 милијарди фунти во стратегијата.

Во продолжение, пренесуваме дел од интервјуто на амбасадорката Галовеј коешто се однесува на претстојната Конференција во Глазгов:

МИА: Во ноември во Глазгов ќе се одржи Конференцијата за климатски промени на ОН – КОП 26, Велика Британија е домаќин, заедно со Република Италија, кои се главните насоки во кои ќе се движи оваа конференција и кој се е најавено дека на неа ќе учествува?

Галовеј: Обединетото Кралство во ноември во Глазгов е ко-организатор на КОП26, а главната цел на конференцијата е да ги собере светските лидери за да се обврзат на ветувањата од Парискиот договор од пред шест години, да се одржува растот на температурата под 1,5 степени, да ја демонстрираат нивната посветеност за нето нулта стапка на емисии на штетни гасови и да покажат како земјите ќе престанат да го употребуваат јагленот. Очекуваме делегации и лидери од целиот свет и драго ни е што претседателот Пендаровски потврди дека ќе присуствува.

МИА: Очекувате ли некаков пресврт од Конференцијата во Глазгов, од годинешните преговори, која е вашата цел за да сметате дека имате успешен  КОП годинава, со оглед на тоа дека на минатиот земјите-членки не успеаја да дојдат до договор за конечна операционализација на Парискиот договор?  

Галовеј: На КОП26 нема да целиме кон нов преговарачки договор. Целта е всушност земјите да покажат како ќе испорачаат во врска со тоа што беше договорено во Париз, бидејќи во моментов не успеваме да ги исполниме ветувањата и температурата ќе продолжи да расте над 1,5 степени. Сакаме да видиме како луѓето се обврзуваат повторно кон прилагодување и митигација и да се соберат на едно место за да видиме каков ќе биде новиот правилник. Настанот ќе биде успешен ако се склучат нови договори за тоа што треба сите да направиме, но и да ги видиме земјите кои започнуваат индивидуални заложби.

 

Целосното интервју на британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј може да го прочитате овде.