Вистиномер: Не е точно дека „Заев е исклучен од протоколот (на Меркел) за директна средба“

Фото: Влада на РСМ

Не е точно дека Заев бил исфрлен од протоколот на Меркел и дека Македонија е понижена и исклучена од иницијативата „Отворен Балкан“ и од процесот за интеграција во Европска Унија, пишува „Вистиномер“ во новата анализа, што ја пренесуваме во целост:

 

Објава на Фејсбук еуфорично и бомбастично најавува „скандал“ и (дез)информира дека македонскиот премиер бил исклучен од протоколот на германската канцеларка, Ангела Меркел. Постот е доста вирален и споделуван.

Постот е придружен со текст во кој се изнесени низа дезинформации поврзани со посетата на Меркел на Албанија и нејзината проштална средба со лидерите од Западен Балкан.

После промоцијата на т.н. Отворен Балкан од страна на тројцата балкански политичари, Вучиќ, Рама и Заев како придружба, на своја рака, без согласност од ЕУ, Меркел доаѓа да ја пренесе клучната порака до двајцата од нив, бидејќи Заев е исклучен од протокол за дирекна средба. Пораката е Отворен Балкан може да биде само регионална форма на соработка исклучиво во рамки на т.н. Берлински процес за интеграција на балканските земји во ЕУ. Се надвор од тоа не е дозволено, се вели на почетокот од написот.

Подолу се коментира дека Македонија „е целосно понижена и исклучена дури и од Отворен Балкан“, дека „Македонија после 30 години лидер на Балканот, спуштена е на ниво на измеќарка на Србија и Албанија, а тоа е резултат на политиката на Заев“.

Од сега Европа, а особено Берлин ќе разговараат со двете носечки земји во тој процес Србија и Албанија, а останатите четири Македонија, Косово, Црна Гора и Босна само ќе ги следат чекорите. Македонија е целосно понижена и исклучена дури и од Отворен Балкан. Заев е исклучен од протоколот за дирекни средби со Германската канцеларка Меркел, иако во минатото секогаш македонските премиери биле на дирекни средби со германските канцелари. Заев е планиран на заедничка средба со претставници на Косово, Црна Гора и Босна, како измеќарки на големите Србија и Албанија. Македонија после 30 години лидер на Балканот, спуштена е на ниво на измеќарка на Србија и Албанија. Тоа е резултатот од надворешната политика на македонската Влада на Зоран Заев!, се додава во написот.

Не е точно дека Меркел намерно не дошла во Македонија на проштална средба и дека го исфрлила премиерот Заев од протоколот. Таа замина во Албанија на проштална средба со сите лидери на Западен Балкан со кои, според најавите, имаше една заедничка средба, а беа предвидени и поединечни средби. На средбата со шестемина лидери, Меркел истакна дека нејзина желба била да ги посети сите земји, но тоа било невозможно, бидејќи за тоа се потребни 4-5 дена и му се заблагодари на премиерот Еди Рама за организирањето на оваа средба во Тирана.

Македонска владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, а во која беа и вицепремиерот Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, замина за Тирана токму на покана на германската канцеларка. Покрај нашата, во Тирана беа и делегации од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Меркел ќе има работен ручек со лидерите од Западен Балкан, а попладне и билатерални средби, најавија од Владата.

На билатералната средба со канцеларката Меркел, како што се наведува во официјалното соопштение на Владата, премиерот Заев ги изнел позициите на Република Северна Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси и за што побрзо решавање на проблемот кој го наметна соседна Бугарија.

Премиерот Заев нагласи дека единствен прифатлив предлог за нашата земја за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ, со кој се почитуваат заложбите и на двете страни за унапредување на меѓусебните односи и за евроинтегративните процеси во регионот, стои во соопштението.

Премиерот Заев, исто така, се осврнал и на иницијативата Отворен Балкан која се темели токму на принципите на функционирање на Европската Унија.

Канцеларката Меркел се согласила со владината делегација дека ЕУ интеграцијата и на Северна Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува и дека постојаниот напредок е нотиран од страна на сите релевантни европски институции и меѓународни партнери на државата, додаваат од Владата.

Што се однесува до иницијативата „Отворен Балкан“ премиерот на Албанија, Еди Рама на заедничката прес-конференција во Тирана со германската канцеларка Ангела Меркел, изнесоа заедничка оценка дека Берлинскиот процес не може да се замени со нови иницијативи што се појавуваат и се иницираат со текот на времето. Според нив „Отворен Балкан“ не е иницијатива која се стреми да се натпреварува со Берлинскиот процес, туку е алатка на регионот за спроведување на Берлинскиот процес.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме шири дезинформации дека Заев бил исфрлен од протоколот на Меркел и дека Македонија е понижена и исклучена од иницијативата „Отворен Балкан“ и од процесот за интеграција во Европска Унија, пишува „Вистиномер“.