ДИК: Лицата со попреченост ќе може да се потпишуваат на кандидатските листи и надвор од просториите

Државната изборна комисија (ДИК) извести дека со цел овозможување на целосно остварување на правата на сите граѓани/ки кои сакаат да даваат поддршка за некоја независна листа во постапката за собирање на потписи , вработените во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија кои се сместени во простории каде нема услови за пристап на лица со попреченост, се задолжуваат да им овозможат на овие лица да го остварат ова право надвор од просторијата на ПО/Канцеларија, односно пред објектот во кој се наоѓа канцеларијата на ДИК.

Во Подрачното одделение на ДИК во Карпош, во влезната врата на објектот , ставена е пристапна рампа која ќе овозможи пристап во објектот.

Во текот на 2017 година ДИК во соработка со Здруженија за правата на лицата со попреченост направи проверка на објектите каде се лоцираат избирачките места и врз основа на истите беа изнесени податоци за пристапноста на истите. Во наредниот период, ДИК ќе направи дополнителни проверки за состојбата на објектите кои се користат за избори, со цел да се добијат податоци каде треба да бидат ставени на користење пристапните рампи со кои располага ДИК, но и да се утврди дали има потребата за набавка на дополнителни пристапни рампи.

Во однос на определувањето на објекти кои ќе се користат за избори, ДИК за секој изборен процес во им се обраќа на единиците за локална самоуправа , при што сугерире да се внимава определените објекти да овозможат целосен пристап за сите гласачи.