fbpx

„Дигитална трансформација за граѓаните“: Земјите од Западен Балкан немаат капацитети за заштита од кибер напади

-

Земјите од Западен Балкан имаат недостиг на капацитети за заштита од кибер напади, а владите немаат политичка волја да ги предводат процесите на ова поле. Ова, меѓу другото, беше констатирано на панел-дискусијата „Заедница отпорна на кибер напади“, во рамки на вториот ден од меѓународната конференција во организација на Фондацијата Метаморфозис „Дигитална трансформација за граѓаните“.

Извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, кој беше и модератор на оваа панел дискусија, Бардил Јашари, рече дека за да биде отпорно на кибер напади, едно општество мора да ги поседува потребните знаења и алатки.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис. Фото: Мета.мк

„Кога се работи за кибер безбедноста, вие треба да ги предвидите, да очекувате кибер напади, да знаете како да се справите со нив и како да заздравите од нив нив и да продолжите да соработувате со сите сектори на општеството за да спречите нивно повторување во иднина. И општеството мора да биде отпорно, затоа што секој си има своја улога, ние како граѓанско општество, академската заедница, медиумите, владиниот сектор и секој што користи дигитални уреди. Нашето општество ќе биде отпорно на кибер напади тогаш кога секој од нас ќе ги поседува потребните вештини и алатки за безбедна навигација и кога нашите лични податоци нема да бидат загрозени, кога нема да биде загрозен нашиот интегритет, исто како и правото на слобода на изразување“, рече Јашари.

Ена Бавчиќ, проектна координаторка за кибер безбедност и граѓанско
општество во Одделот за Европа и Средна Азија при Женевскиот центар за
управување во безбедносниот сектор (DCAF) (Швајцарија, )истакна дека еден од најважните предизвици е недостигот на капацитети во владите на Западен Балкан.

„Имавме многу иницијативи за засилување н активностите и за да ги обврземе владите да работат на кибер безбедноста и на одговорот за кибер заканите, а сето тоа е дел од градењето на капацитетите. Но, она што треба да го имаме предвид е дека многу од овие иницијативи немаат ресурси и немаат доволно луѓе во владите што би го предводеле тоа. Иако имаме многу луѓе, навистина е тешко да се добие малку од нивното време и да се направи нешто. Исто така, нема доволно политичка волја да се придвижат работите напред, но и нема политичко лидерство во овој сектор, иако кибер безбедноста не е политичко прашање. Но, имајќи предвид дека сите владини институции се предводени од политичари, недостатогпт на политичката волја може да се преведе како немање доволно ресурси во институциите што се одговорни за кибер безбедноста“, рече Бавчиќ.

Ена Бавчиќ, координатор на проектот – Дивизија за кибер безбедност и граѓанско општество за Европа и Централна Азија, Центар за управување со безбедносниот сектор на DCAF, Женева, (Швајцарија. Фото: Мета.мк

Таа исто така додаде дека во повеќето земји нема министер за раководење на кибер безбедноста, а иако повеќето земји имаат стратегии, тие не се спроведуваат соодветно, бидејќи кибер безбедноста не им е приоритет.
Бавчиќ ги спомна и неодамнешните кибер напади, нагласувајќи дека владите не ги известуваат навремено граѓаните и тоа влијае и предизвикува голема паника. Според Бавчиќ, државите не се залагаат доволно за заштита на човековите права при кибер напади, посебно на социјалните мрежи, а недостига и индивидуална одговорност за кибер безбедноста.
Андреј Петровски, директор за технологија во Фондацијата SHARE (Србија), истакна дека најголемиот проблем за кибер безбедноста е корупцијата, поточно снабдувањето со неквалитетен софтвер од компании блиски до пријатели или членови на семејствата на функционерите.

„Знам дека владите едноставно немаат пари за инвестиции за кибер безбедност, но проблемот настанува кога има тендери за софтвер или технологија и слично, кои ги добиваат нивните пријатели или членовите на семејството и кога квалитетот на понудениот производ со тој тендер не е како што треба. Имавме неколку случаи на вакви случаи во Србија, но и во Албанија, Црна Гора, каде што големи државни компании купија софтвер кој практично го развиле нивни роднини, преку коруптивни договори и кои доведоа до протекување на големи податоци на граѓаните. Ако ме прашувате мене, ова е најголемиот проблем со компјутерската безбедност кој што практично произлегува од недостатокот на правда и постоењето на корупција. Значи, ако Владата не потрошеше толку пари за набавка на софтвер со послаб квалитет, бројот на инциденти, но и нивниот обем ќе беше помал“, рече Петровски.

Тој наброја и неколку случаи на кибер напади каде што некои државни институции биле „парализирани“, и при што протекоа и информации за милиони луѓе.

„Во Србија Геодетскиот Завод беше нападнат со малициозен софтвер преку кој се бараше откуп и неколку недели беше под она што се нарекува „опсада“, не можеше да се направи ниту една трансакција за купување на земјиште, за наследство и слично, и тоа практично предизвика една целосна парализа на системот, но имавме и напади врз Агенцијата за приватизација при што протекоа личните податоци на 6 милиони луѓе. Со други зборови, тоа се тие примери на несовремена дигитализација, извршивме истраги, но недостига отчетност од државата или oбвинителството или судството, додаде Петровски.

Адријан Бесими, проректор за академско планирање и дигитализација при Универзитетот на Југоисточна Европа, зборуваше за недостигот на компјутерски вештини кај граѓаните, при што додаде дека на некои факултети воопшто нема предмети за компјутерски вештини.

Адријан Бесими, проректор за академско планирање и дигитализација при Универзитетот на Југоисточна Европа. Фото: Мета.мк

„Работиме во едно општество во кое сме го наследиле образовниот систем и сѐ уште предавањата се оддржуваат во училница и изгледа не сакаме иновации во образованието. Има голем отпор од вработените на факултетот, кои не сакаат да сменат ништо и тоа се случува насекаде во светот, но поистакнато е во Западен Балкан. Така е и кај оние курсеви за компјутерски вештини. Го анализиравме поголемиот дел од образовните програми во Северна Македонија, и повеќето од нив немаат предмет „ИТ вештини“. Повеќето од нив дури воопшто и немаат никакви предмети поврзани со компјутерските вештини во текот на студиите, поконкретно таков е случајот со факултетите за правни, медицински науки и архитектура. Не знам дали не сакаат да го воведат како предмет, но многу е важно да имаат обука за кибер безбедност“, рече Бесими.

Што се однесува до стручните дипломи за кибер безбедност, тој најави дека има само една, на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и една што е најавена во ФИНКИ Скопје и тоа се за жал единствените такви студии.

„Поентата ми е дека не правиме доволно, понекогаш затоа што не сме сигурни дали треба, понекогаш не можеме да одлучиме што е најдобро за студентите или тие одлуки ги носат студентските или факултетските совети, кои не се доволно професионални и кои проценуваат дека другите вештини се поважни“, додаде Бесими.

Инаку, кибер безбедноста е повеќе од сложен технолошки предизвик. Таа налага градење на култура заснована на едно високо ниво на свесност и подготвеност од сите чинители во општеството, вклучувајќи надлежности за управување со кибер ризикот, со цел да го зачуваме нашиот начин на живот и да продолжиме да ги користиме придобивките од дигиталната трансформација.

Оваа сесија го анализира начинот на кој владите го промовираат однесувањето за кибер безбедноста во целото општество, предизвиците и итните приоритети за зајакнување на кибер отпорноста на земјата и улогата на граѓанското општество во таа насока.

Целата конференција можете да ја проследите на Фејсбук страницата на проектот.

Конференцијата е организирана во духот на сеопфатна и ефикасна дигитална трансформација заснована на потребите на граѓаните, која не остава простор за загрозување на човековите права и достоинство, ниту за дигитално исклучување на која било заедница.

Таа ги собра на едно место претставници на институциите, граѓанскиот сектор, медиумите, академските институции, активисти, практичари и граѓани, нудејќи им простор да ја истражат дигиталната трансформација низ призмата на смарт е-влада, дигиталниот јаз, приватноста, вештачката интелигенција, кибер отпорноста и хибридната војна.

На привиот ден конференцијата ја отворија Славица Герковска, вицепремиер за политики за добро владеење, Влада на Република Северна Македонија, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација во Северна Македонија и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...