Фото: Архива на Мета.мк

Ширење на дезинформации за корона вирусот и вакцините против ковид-19 во екот на пандемијата ја поткопува борбата против вирусот, а државата треба да преземе повеќе мерки за справување со дезинформациите. Ова, меѓу другото, го рекоа учесниците на вебинарот „Борба против дезинформации за ковид-19“, организиран од Фондација Метаморфозис во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“ – КриТинк и модериран од раководителот на проектот, Филип Стојановски.

Владимир Петрески, уредник на содржините на КриТинк на македонски јазик и проектен координатор и уредник на Вистиномер рече дека првите дезинформации за ковид-19 пристигнале во земјава од Кина уште од самиот почеток на корона вирусот. Тој посочи дека она што се гледаше на самиот почеток во позадина е дека многу информации недостасуваат.

„Не беше проблемот во она што го читаме или стигнува до нас, проблемот беше во она што недостасува“, изјави Владимир Петрески, дополнувајќи дека и Светската здравствена организација во овие моменти била ставена во непријатна ситуација и се соочувала со недостиг на информации од кинеските власти.

Со пренесувањето на корона вирусот на европско тло и во Италија, од оваа европска земја почнаа да стигнуваат дезинформации за ковид-19. Сепак, подоцна во текот на пандемијата, изворот на дезинформациите се преселил и се вклопил во она што било претходно – голем број од дезинформациите да пристигнуваат од нашиот северен сосед.

„Таму веќе се создадени канали за дезинформации“, појасни Владимир Петрески.

Антиваксерското движење кое постоеше во Македонија, оваа ковид пандемија му дојде многу добредојдена, појасни Петрески. За жал, во ова антиваксерско движење во земјава има високоедуцирани граѓани и кадри од медицинската струка.

„Она што нас многу нè ставаше во недоумица е кога доктори шират дезинформации, тогаш се наоѓаме во многу тешка ситуција“, рече Петрески. Во таква ситуација, вели тој, им требале многу студии за да ги разоткријат и дезинформациите проширени од одреден доктор и да ги означат како невистинити.

Според неговото искуство, во последниве шест месеци се профилирале мал број на профили на социјалните мрежи за ширење на дезинформации за ковид-19.

„Тоа го прават постојано и секодневно, објавуваат по 5 или 10 содржини дневно, со цел да направат бура од дезинформации за кои понекогаш е и тешко човек да се спротивстави“, изјави уредникот Петрески.

Притоа, се користат и теориите за заговор при ширењето на ковид-19 дезинформации, но се креираат и нови теории на заговор, додека постоечките теории се менуваа во согласност со постоечката ситуација (намалување на бројот на население, кејмтрејлс, 5Г и слично).

Новинарката Мирослава Бурнс рече дека за време на ковид пандемијата се пројавил тренд најразлични продавачи да нудат суплементи на Интернет и да ги претставуваат како лекови, од висок крвен притисок, дијабетес и други хронични болести.

„Освен суплементите што беа претставувани како лекови, нивниот маркетинг беше манипулаторски и не беше чесен“, рече Бурнс. Ваквите реклами биле продавани со лажни податоци, кои биле доведувани во врска со измислени лекари од земјава кои воопшто не постојат или лажно се вршело конотација со одредени лекарски здруженија.

„Можевме да провериме дали ваквите лекови се регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство и повеќе од нив не беа регистрирани како суплементи“, изјави новинарката Бурнс. Инаку, ваквиот маркетинг е присутен во повеќе држави.

Таа додаде дека за време на ковид-пандемијата беа многу вирални монтирани видеа со изменети содржини, кои беа оркестрирано ширени од неколку профили на социјалните мрежи, кои и по повеќе од 10 содржини дневно беа пласирани на мрежите.

„Во моментов, забележувам еден тренд сега да се негира индискиот сој на корона вирусот“ изјави Брнс.

Таа дополни дека Владата и Министерството за здравство недоволно се спротивставија на ваквите дезинформации и митови за ковид-19. Бидејќи дезинформациите и теориите на заговор еволуираат од ден на ден, треба и веб-страницата за вакцинација постојано да се ажурира.

Новинарката и уредничка Ана Анастасовска се надоврза дека здравствените власти во земјава во голем дел потфрлиле во однос на борбата со дезинформациите против ковид-19, особено во однос на дезинформациите за вакцините.

„Освен што власта не се заангажира да ги демистрифицира овие митови во врска со вакцините, голема улога имаа и лекарите, кои немаа доволно информации во врска со вакцините“, вели Анастасовска.

Доктор Миралем Јукиќ, претставник на Здружение на лекари специјализанти (ЗЛС) и вработен во Брза помош Скопје, на вебинарот даде цела хронологија на дезинформации за вирусот и за вакцините против ковид-19.

Тој истакна дека првата дезинформација беше дека корона вирусот не постои и сето ова е светска завера за да колабира економијата и да нè спречат да патуваме.

„Потоа дезинформациите се свртеа – испадна дека вирусот постои, меѓутоа не е толку опасен и дека државата за џабе нè тера да носиме маски“, рече доктор Јукиќ.

Тој посочи дека во следната фаза на ширење дезинформации за ковид-19, одредени влијателни лекари излегле во јавноста за да кажат дека маската предизвикувала хипоксијаи дека не дозволувала бактерии да излезат надвор од нас.

„Навистина ми е жал што огромен проблем беа докторите, кои нивните мислења ги презентираа како факти, и сето тоа беше поткрепено со ниското ниво на образование меѓу дел од населението и немањето навика да се проверуваат референците“, рече доктор Јукиќ.

Тој додаде дека откако се заврши со дезинформациите дека маските не функционираат, потоа се пласираа невистини како е можно една платнена маска да спречува ширење на вирусот.

„Буквално сите мерки за заштита на населението беа поткопувани со дезинформации“, изјави докторот Јукиќ.

Тој додаде дека откога се увиде дека вирусот е опасен, дезинформациите се префрлија кон вакцините.

„Инфектологот Вело Маркоски во едно свое видео рече дека вакцините не се решение. Но, има два начини на имунизација – прележување на вирусот или имунизација“, вели докторот Јукиќ.

„Навистина ми е жал што вакцината уште пред да дојде, од влијателни луѓе, во овој случај, професор, беше банализирана“, додава Јукиќ.

Во однос на можните решенија за борба против дезинформациите за ковид-19, Јукиќ рече дека Министерството за здравство погрешило што не формираше конкретно тело за анулирање на дезинформациите што се шират. Во него би можело да влезат лекари-специјалисти кои ќе бидат платени за тоа, токму за добивање на противтежа на дезинформациите.

„Ако ја преплавиме јавната сцена со точни информации, ако најголем дел од медиумите објавуваат точни информации и дезинформациите ги оставиме на маргините мислам дека тоа е најдобриот начин. И пред појавата на интернетот, не се очекуваше од читателите сами да вршат проверки и сами да истражуваат, тоа беше работа на уредниците кои се грижеа вистинити информации да излезат во јавноста“, изјави Владимир Петрески во однос на начинот како треба да се одвива борбата со дезинформациите.

Тој додаде дека мејнстрим медиумите во земјава сега објавуваат многу малку дезинформации за ковид-19, но како проблем остануваат профили на социјалните мрежи и помали портали без импресум, кои бараат шанса да станат вирални.

Раководителот на проектот КриТинк, Филип Стојановски на вебинарот претстави неколку заклучоци од најновата студија на Фондацијата „Метаморфозис“ („Анализа на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија“), направена во соработка со Фондацијата „Фридрих Науман“.

Во анализата, на испитаниот примерок од над 483 написи со проверка на факти е утврдено дека политичката припадност е клучен фактор за ширење на дезинформации.

„Дел од овие дезинформации што се шират се тесно поврзани со ширење на говор на омраза, нетрпеливост и дискриминација. При анализата на дезинформациите и на содржините, утврдивме дека пред се овој аспект е исто така насочен кон партиска или идеолошка припадност, додека другите аспекти како верски, етнички, национални и други припадности се многу помалку застапени“, изјави Филип Стојановски.

Во однос на содржината на дезинформациските написи за ковид-19 што беа лиферувани од февруари до декември 2020 година во земјава, беше утврдено дека имало големо ниво на застапеност на теории на заговор со кои се соочија проверувачите на факти. Еден од најдоминантните наративи беа теории на заговор поврзани со некакво вештачко креирање на корона вирусот, како дел од некаков глобален светски поредок. Но, исто така, тука се и написи со тврдења дека болеста не постои.

Дел од дезинформации или медиумските манипулации поврзани со мерките за заштита од ковид-19, опфаќаа првенствено дезинформации поврзани со рестрикциите на движење, затворање на институциите и границите. Исто така, беше присутна и дискредитацијата на личности.

„Идејата беше да се насочи гневот и фрустрацијата на граѓаните кон одредени субјекти“, дополни Филип Стојановски.

Анализата утврди дека во најголем дел од дезинформациите како главни виновници, односно „негативци“ во наративите, се посочија домашните и меѓународните институции на системот.