Делови од Европа страдаат од суша, во Велика Британија прогнозите се дека ќе трае до октомври

Image by Dragan Tomić from Pixabay

Велика Британија се подготвува за сушен период што би можел да трае до октомври годинава, при што се предвидува дека нивоата на реките ќе бидат ниски и исклучително ниски во централна и јужна Англија, појаснуваат од Центарот за екологија и хидрологија на Обединетото Кралство, пренесува Гардијан.

Сушниот период може да има страшни последици за земјоделството во Велика Британија, бидејќи почвата во поголемиот дел од земјата е премногу сува за обработка, а од временската прогноза се загрижени земјоделците кои допрва треба да посадат нови житни култури за следната година.

Југоисточна Англија има 144 дена со малку или без дожд од јануари годинава, што е најдолгиот сушен период од 1970-тите до денес, покажуваат податоците на британскиот метеоролошки сервис.

За да се врати нормалниот водостој на реките, потребно е во Велика Британија да паднат натпросечни врнежи за да се вратат реките во поголемиот дел од земјата на нормално ниво.

„Иако не е невообичаено да има периоди на ниски врнежи, видовме подолг период на врнежи под просекот, особено во југоисточниот дел на Англија, каде што ова беше третиот најсув период од ноември до јули според евиденцијата од 1836 година“, вели хидрологот Кетрин Сефтон.

Прогнозата за периодот до октомври е дека водостоите на реките ќе остане исклучително ниска во централна, јужна и источна Англија во текот на трите наредни месеци. Сушниот период се предвидува дека би можело да предизвика штети и по дивиот растителен и животински свет.

Инаку, Велика Британија е само една од европските земји кои се погодени од големата суша што е незапамтена во изминативе децении. Европската опсерваторија за суша на ЕУ пресмета дека 45 отсто од територијата на блокот била под предупредување за суша до средината на јули, а 15 отсто веќе е во црвена тревога.

Во Италија исклучително сушниот период доведе до рестрикции на вода за разни потреби во северните делови на земјата.

Во Франција повеќе од 100 општини имаат рестрикции во водоснабдувањето со питка вода и користат камиони за снабдување со вода за пиење на населението. Резервите на вода во Шпанија се на најниско ниво од 40 отсто и паѓаат со стапка од 1,5 отсто неделно, што ќе предизвика 2022 да биде најсушна година во изминативе шест децении.

Штети од сушниот период се пријавуваат и во Германија и во Швајцарија, и тоа првенствено во делот на земјоделството. Мерки за ограничување на потрошувачката на вода за пиење се воведени во Белгија. Стравувањата на експертите за климатски промени се дека сушните периоди, пропратени со продолжени топлотни бранови, би можеле да постанат честа појава во Европа.

Напишете коментар