Раководството на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, нема сознанија дека професори на овој факултет бараат од студентите да купат книги како услов за добивање потпис и оцена. Ова за „Мета.мк“ го изјави деканот Горан Златески, по случајот во кој студенти обвинија професорка дека ги условила лично од неа да ја купат нејзината книга за да им ја заведе редовноста и да може да полагаат испит.
Златески вели дека е запознаен со случајот кој студентите усно го пријавиле во службата за студентски прашања, но официјален допис со поплака, според кој управата би постапувала, не добиле. Деканот додава дека сака да ги заштити студентите, но како што појаснува, пред него нема факти кои укажуваат дека има вакви појави.
„До факултетот не е дојден официјален допис од студентите, но усмено минатиот петок реагирале до службата за студентски прашања. Јас како декан си побарав информација од професорката и добив одговор дека таа порака што била испратена до студентите е извадена од контекст и променета. Ние како институција се залагаме правата на студентите да бидат во прв план и направивме напори тој испит да се презакаже за друг ден. Не знам како поинаку да постапам, немам докази, ниту пријави. Сакаме да ги заштитиме студентите, но пред нас нема факти“, вели Златески.
„Мета.мк“ во петокот објави дека група студенти обвинија своја професорка на ФДТМЕ оти им барала да купат книги лично од нејзе за да можат да добијат потпис за редовност, а потоа, откако случајот излезе во јавност, ги условила да го откријат идентитетот на студентот што го разоткрил случајот, во спротивно нема да им дозволи да полагаат.
Професорката, која истовремено е и продекан на ФДТМЕ, за „Мета.мк“ тогаш потврди дека им наложила на студентите да го откријат идентитетот на оној што ја споделил информацијата со јавноста, затоа што била вознемирена, но негираше дека услов за добивање потпис за предметите што ги предава е купување на нејзините авторски книги.
Деканот на ФДТМЕ вели дека е изненаден од реакциите на студентите и случајот за кој пишуваше „Мета.мк“, бидејќи досега немал сознанија дека професори условувале студенти за потпис и добивање оцени.
„Јас сум шест месеци декан и досега немам сознанија за такво нешто. Овој случај ме изненадува, затоа што е прв излезен случај“, вели деканот Златески.
Тој ги охрабрува студентите ваквите случаи да ги пријават во управата на факултетот за да може да се постапи и дека ќе соработуваат со сите институции со цел ваквите појави, доколку постојат, да се искоренат.
„Мета.мк“ пред три дена се обрати до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) за да праша дали имаат сознанија за случаи во кои студентите се условувани од свои професори да купуваат книги преку плаќање „кеш на рака“.
Во одговорот што вчера стигна од ДПИ се вели дека до тој момент немало доставени пријави ниту претставки по овој основ.
„Доколку има таква појава, ќе треба да го пријават до надлежна институција, а ние како ДПИ со потребните податоци (кај кој професор со име и презиме, на кој факултет и на кој универзитет) ќе постапуваме согласно нашите надлежности, ќе се изврши вонреден инспекциски надзор и доколку се утврди истото, соодветно ќе преземеме законски мерки кои се во наша надлежност, како и ќе се известат други надлежни органи за постапување по истото“, велат од Државниот просветен инспекторат.
Студентите кои се обратија до „Мета.мк“ тврдат дека професорката и во претходниот семестар од нив барала лично од нејзе да купат книги кои чинат околу 900 денари, како услов за да им биде заведена редовноста и можност да полагаат испит по предметите.