Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Претставниците на земјите од Европската унија на 18 ноември не успеаја да постигнат консензус за рамката за преговори со Албанија и Северна Македонија, што ќе го отвори патот за првата Меѓувладина конференција, што претставува официјален почеток на преговорите за членство.

Пратеникот и истовремено Организациски секретар на Социјалистичката партија на Албанија, Арбен Пелумби ја „обвини“ Северна Македонија, тврдејќи дека бугарското вето против неа ја казни официјална Тирана за преговорите, пишува Фактоје.ал, пренесува Порталб.мк.

Пратеникот и истовремено Организациски секретар на Социјалистичката партија, Арбен Пелумби, во интервјуто за „Визион плус“ на 20 ноември, изјави дека ветото на Бугарија против Северна Македонија, ја казнува Албанија за преговори со Европската унија.

„Владата ја заврши својата работа… Меѓутоа, ако го земеме предвид фактот дека на последната средба Северна Македонија беше попречена од нас, сега се чини дека ние ќе бидеме попречувани од Северна Македонија, бидејќи Бугарија сега се сети, наместо да се сетеше порано“- изјави Пелумби.

Албанија и Северна Македонија не можеа да добијат датум за рамката на преговорите за членство што на тој начин ќе го отвореше патот за Првата меѓувладина конференција.

Како што спомена претставникот на германското претседателство, државниот министер Михаел Рот, Северна Македонија беше казнета од Бугарија.

„Мора да правиме разлика меѓу билатералните конфликти, точките на судир што сè уште постојат меѓу Бугарија и Северна Македонија од една страна и ЕУ како целина, од друга страна. Не е моментумот за нерешените билатерални прашања да се издигнат на европско ниво”, рече Рот.

„Опструкцијата“ на Албанија, како што потврдија и највисоките претставници на Европската унија, произлезе од нејзините внатрешни фактори, а не од Северна Македонија.

„Со право се осврнавте на Албанија и рековте дека во април има уште две точки, две прашања и дел од заклучоците на Советот. Прво, Уставниот суд мора да ја започне својата работа, и второ, спроведувањето на новиот закон за избори. Сепак, причините за оптимизам, дека тоа ќе се случи наскоро, се тешко прашање“, рече германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Преземањето на Претседателството со Европскиот совет од Германија на 1 јули беше видено со оптимизам од официјални лица на владејачкото мнозинство за интеграција на Албанија во ЕУ. Претходно оваа недела, германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот ги повика земјите-членки на ЕУ да го одобрат отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија, без да го посочи датумот за Првата меѓувладина конференција.

Од друга страна, неисполнувањето на условите од Бундестагот, како и новата линија за интеграција во ЕУ, одобрена во октомври, се чини дека ги намалува шансите на Албанија за членство.

Во моментов, Уставниот суд не може да го исполни кворумот за судење на предметите во однос на нивната основаност, бидејќи има само 4 члена на функција. Во принцип, потребен е 1 член за да се пополни кворумот за одлучување, но во реалноста Уставниот суд нема да биде функционален ако нема 9 членови. Зошто? Бидејќи Законот „За организација и функционирање на Уставниот суд“ во член 72 точка 2 предвидува дека одлуките на Уставниот суд се донесуваат со мнозинство гласови од сите негови судии. Воздржаноста не се дозволува.

Изборните реформи исто така можат да станат проблем. За прашањето на изменетиот Изборен законик, за кој претседателот Илир Мета побара мислење од „Венецијанската комисија“, владата реши да не чека. Таа повторно гласаше во Собранието, иако Европската унија побара да се почека мислењето на „Венецијанската комисија“.
Холандија, исто така, има резерви за почетокот на преговорите со Албанија.

Оваа земја бара Албанија прво да обезбеди функционирање на Уставниот суд и да го спроведе законот за медиуми, пред да зборува за преговори.

Премиерот Еди Рама во разговор со новинарите пред две недели, негираше дека сè уште има отворени услови. Според него, одбивањето на Холандија е поврзано со парламентарните избори во 2021 година.

Позицијата на Албанија може да биде влошена и поради обвинувањата за купување и продавање на гласови.

Европратеникот Дејвид Лега, известувач за Албанија во Европскиот парламент преку порака на „Твитер“ објави дека заедно со уште двајца европратеници, веднаш по состанокот на министрите за европски прашања на 18 ноември побарале одговори од претставници на Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, зошто Европската комисија во својот извештај не спомна „купување гласови“ во Албанија како важно прашање не само за Европската народна партија (ЕПП), туку и за ЕУ.

„Денеска го прашавме Борел зошто Европската комисија не спомна купување гласови во извештајот за 2020 година. Почнувањето истраги за наводите за купување гласови е суштински услов за ЕУ, не само според ЕПП. Како известувач за Албанија секогаш ќе се фокусирам на владеењето на правото и демократијата. Купувањето гласови е сериозен проблем за демократијата и не може да се прифати во земја кандидат за ЕУ“, напиша европратеникот Лега.

Како што потврдија највисоките претставници на Европската унија, пречките во однос на Албанија во процесот на преговори со Европската унија не доаѓаат од Северна Македонија или Бугарија, туку од внатрешната динамика на самата земја.