Како во изборната кампања, така и за време на изборниот молк, дел од онлајн медиумите во земјава, како и одредени личности но и анонимуси на социјалните мрежи, ја одиграа нечистата пропагандна кампања за партиите на изминатите парламентарни избори. Ваквиот заклучок произлегува од констатациите изнесени во мониторингот на медиумите што го извршија мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и на организацијата ЦИВИЛ.

Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОБСЕ/ОДИХР во Изјавата за прелиминарни наоди и заклучоци од одржаните избори наведува дека забележале повеќе повреди на изборниот молк во медиумите на интернет, и во помала мера, во традиционалните медиуми. Освен тоа, одреден број политички партии продолжиле да се рекламираат онлајн и на социјалните мрежи во текот на изборниот молк, а било забележано и платено негативно политичко рекламирање во социјалните медиуми, се вели во нивниот прелиминарен извештај.

„Политичкото рекламирање на Google AdSense и на социјалните медиуми не е субвенционирано и посебно регулирано. Иако политичките партии екстензивно ги користеа овие кампањски методи, недостигот на транспарентност на таквите алатки оневозможува суштинска ревизија. Иако регулаторот на медиуми, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), е обврзан да го следи рекламирањето во радиодифузните медиуми, не беше спроведена верификација и мониторинг на онлајн медиумите“, се вели во Изјавата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Со слични констатации излегоа и од организацијата ЦИВИЛ, кои акцентот на овие избори го ставија на бројните прекршувања на изборниот молк на социјалните медиуми, но и на некои интернет портали.

„Најзабележливо е тоа што во текот на изборниот молк кој започна на полноќ, 13 јули, се бележат стотици случаи на кршење на изборниот молк, како на социјалните мрежи, така и на терен, од познати, но и од непознати нарачатели“, излегоа со соопштение од организацијата ЦИВИЛ на 15 јули.

Тие дополнија дека кршењето на изборниот молк било придружено со „невидена, црна кампања, со стотици случаи на говор на омразата, лажни вести и дезинформации“, информираа од ЦИВИЛ во текот на главниот изборен ден. Од организацијата констатираа дека на Фејсбук за време на изборен молк имало реклами на политички партии, па дури и интервју на висок претставник на политичка партија што се емитувало во живо на социјалните мрежи за време на изборен молк.

Инаку, платеното политичко рекламирање на партиите на изминативе избори се финансираше од државниот буџет, вклучувајќи го и нивното рекламирање на интернет порталите. „Мета.мк“ уште во текот на подготовките на изборите изминатава зима, пишуваше дека за објавување на платено-политичко рекламирање со државни пари до ДИК се пријавиле двојно повеќе портали во споредба со бројот на портали што тогаш беа вклучени во Регистарот на професионални он-лајн медиуми „Промедиа“ на ЗНМ и на Советот за етика во медиумите.

Дел од овие портали што се пријавија за објавување политички реклами беа формирани на почетокот од годинава, непосредно пред самата обврска за пријавување во ДИК. Еден портал од платени политички реклами за овие избори можеше да добие максимум 15.000 евра, без разлика на тоа дали и какви професионални новинарски стандарди почитува. ДИК пред три дена објави дека го очекува доставувањето на извештајот за реализирани услуги и фактури со примерок од објави од интернет порталите, па дури дозволи и продолжување на рокот по 17 јули за нивното доставување од овие медиуми.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.