fbpx

Двојно повеќе портали се пријавиле за платени изборни реклами од оние во регистерот на ЗНМ (инфографик)

-

Ќе се „опарат“ ли медиумски анонимуси од претстојните парламентарни избори од платеното политичко рекламирање? Ваквото прашање логично се поставува откако во речиси идентичен временски период беа промовирани два регистри на он-лајн медиуми во земјава со огромна разлика во нивниот број.

Регистарот на професионални он-лајн медиуми „Промедиа“ беше промовиран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите кон крајот на декември 2019 година, при што самата веб-страница од денес е функционална и достапна за јавноста. Според актуелните податоци, во овој Регистар се впишани вкупно 101 он-лајн медиум, вклучувајќи ги медиумите што објавуваат содржини на македонски и албански јазик и оние што објавуваат информативни, забавни или образовни содржини од регионален или локален карактер.

Во речиси идентичен временски период, Државната изборна комисија (ДИК) го објави Регистарот на интернет – портали кои обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април. Во овој регистар се впишани дури 235 интернет портали. Платеното политичко рекламирање на овие портали ќе се покрие од државниот буџет, а еден портал ќе може да добие максимум 15.000 евра.

„Мета.мк“ направи преглед на дел од интернет – порталите коишто се пријавиле до ДИК за платено политичко рекламирање на претстојните избори. Меѓу нив, можат да се најдат портали кои се отворени на почетокот од годинава, непосредно пред објавата на известувањето од ДИК дека сите медиуми ќе треба да се регистрираат за платено политичко рекламирање. До веб – страниците на некои интернет – портали не можеше ниту да се пристапи во моментот на нашето пребарување. Некои од овие „медиуми“ имаат објавени текстуални содржини, но случајно или не, немаат вметнато датум на објава на нивните текстови.

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денес испратија соопштение во кое посочуваат дека главната цел на изработката на регистарот на професионални он – лајн медиуми била да се подобри нивниот кредибилитет и да се препознаат оние медиуми на Интернет кои ги почитуваат етичките стандарди во новинарството. Треба да се потенцира дека дел од вклучените 101 он-лајн медиум во регистарот „Промедиа“ воопшто не се пријавиле до регистарот на ДИК и не планираат да емитуваат платено политичко рекламирање за претстојните избори на 12 април.

За финансирање на медиумската кампања на политичките партии за претстојните парламентарни избори од државниот буџет е планирано да се потрошат околу 6,5 милиони евра.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...