Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.me анализираше една „сензација“ што се појавила во поголем број веб-сајтови и популарни портали – дека звукот на црквените камбани позитивно дејствува на човечкото здравје и дека во време на епидемијата треба да се бијат камбаните, оти било научно утврдено дека тоа помага за одбивање на бацилите и вирусите и другите инфективни заболувања што се пренесуваат преку воздух.

Во нејзините различни верзии, објавени на црногорски, српски, но и руски портали се вклучени како извори и митрополитот црногорско-приморски Амфилохије Радовиќ, па некојси руски научник Фотиј Јаковлевич Шипунов, а тврдењата на последниот, овојпат оквалификуван како член на Руската академија на науките, ги пренел и руски епископ Јован.

Владици се повикуваат на „научник“

Голем број на онлајн медиуми или веб-сајтови на традиционални медиуми од Црна Гора и Србија го пренела посланието на митрополитот Амфилохије да се одржуваат молитви и да се бијат камбаните во време на епидемија, а еден портал освен тоа изнел и тврдења за научни истражувања правени своевремено од рускиот научник Фотиј Шипунов кои докажале дека „Црквената музика, а посебно биењето на црквените камбани, позитивно влијае на човековото здравје. Во руски лаборатории, преку експерименти, е утврдено дека осцилацијата на ултразвучниот дијапазон на камбаните ги одбива бацилите на чумата, потоа вирусите и други инфективни заболувања што се пренесуваат преку воздух“.

Трагајќи по изворот на ваквото тврдење на наводниот руски научник, новинарката на Raskrinkavanje.me утврдила дека тоа е објавено два дена претходно на уште еден портал, а текстот бил идентичен на оној објавен на еден блог уште во 2013 година.

Дополнителната потрага при проверката на фактите утврдила и дека руски медиуми отприлика во исто време кога е објавен текстот на порталот на српските јазик пренеле слични тврдења од рускиот епископ Јоан (Сергеј Леонидович Попов), кој исто така „се потпира на истражувања на академикот на Руската академија на науки Фатеј Шипунов, кој се посветил на истражување на квантнана механика и кој верувал дека заедно со физичкиот свет постои и духовен свет, кој управува со физичкиот свет“.

„Научникот“ со многу биографии

Во продолжение на потрагата, новинарката не можела да пронајде веродостојна биографија на Шипунов, оти на некои места стоело дека завршил Шумарски факултет и магистрирал географија, а на други дека бил научник-еколог, историчар, публицист, или пак доктор на биологија, специјалист на квантна механика. Но новинарката не пронашла името на Фатеј Шипунов на списокот на Руската академија на науки – туку само човек со исто презиме – Аркадиј Георгиевич Шипунов.

Raskrinkavanje.me дополнително проверувал научни извори, проверувал истражувања што се занимаваат со звукот и ултразвукот и нивните биолошки ефекти и примената во медицина. Притоа контактирал и физичари што се занимаваат со акустика, коишто тврделе дека ваквите тврдења се научно невтемелени.

„За да може звукот да нанесе штета, мора да биде многу јак и да има фрекфенција специфична за предметот што се сака да се уништи, како во познатиот пример со оперска певица што со гласот крши чаша. Но вирусите се составени од протеини: тие се меки и флексибилни. Замислете оперската певица да се обиде со својот глас да скрши перница со големина на винска чаша. Тоа едноставно е невозможно. Освен тоа, вирусите што би пробале да ги уништите на ваков начин се во белите дробори на нашите сакани. Таму како да се под многу перници и покривачи. Невозможно е било што да им се направи со звук“, пишува новинарката на Raskrinkavanje.me, квалификувајќи ги тврдењата изнесени на почетокот како „псевдонаука“.
Лимонот со сода бикарбона – чудо од Израел?

Raskrinkavanje.me се зафатил и со друг наводен лек за корона вирусот – лимон и сода бикарбона, кои наводно се користеле во Израел, па затоа таму немало смртни случаи од новиот корона вирус.

Ваквите тврдења, пишува новинарката на сервисот за борба против дезинформациите, се ширеле по Вибер, а во пораката се тврди дека е најден лекот за вирусот.

„Пронајден е лек за вирусот COVID-19 или начин за негово отстранување. Од Израел доаѓаат информациите дека овој вирус таму не предизвикал смрт. Рецептот е едноставен – лимон и сода бикарбона. Мешајте и пијте како врел чај секое попладне. Делувањето на лимонот со топла сода бикарбона веднаш го убива вирусот, потполно го елиминира од телото… Сите во Израел ноќе пијат шолја врела вода со лимон и малку сода бикарбона, бидејќи тоа докажано го убива вирусот“, се вели во пораката за наводниот „спас“ од вирусот.

Многу неточности во една лажна вест

Но, тој текст е превод на дезинформацијата што претходно се ширела и на други јазици, но тој содржи повеќе неточни информации. Во Израел прв смртен случај е регистриран на 20 февруари, додека до вчера имало речиси 4.400 заразени и 15 мртви, пишува новинарката, потсетувајќи дека и Светската здравствена организација потсетува дека нема лек за корона вирусот, но затоа уште се протуркуваат старите митови.

Raskrinkavanje.me потсетува на нешто за што е веќе пишувано – дека „иако некои рани трудови го предлагале витаминот Ц како лек за настинка, сепак нема современи научни истражувања што ќе ги поткрепат тврдењата за способноста на витаминот Ц да убие вирус или да го спречи неговото размножување и ширење. Исто така, тврдењето од првите децении на 20. век дека алкализирање на организмот помага, тоа е точно, но само кај некои медицински состојби и сода бикарбон и лимон не може да го убијат корона вирусот“, стои во текстот во кој е анализирана оваа лажна вест.