fbpx

ЦИВИЛ регистрираше 18 нови изборни нерегуларности

-

Освен трите инциденти регистрирани по почетокот на гласањето денеска, организацијата ЦИВИЛ, која го следи гласањето на голем број избирачки места, во меѓувреме регистрирала вкупно 18 инциденти или други изборни нерегуларности, соопштени Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ на прес-конференцијата во 10 часот.

Меѓу нерегуларностите што се забележани, се контрола од партиски набљудувач кој што заокружува на ливчињата, некористење УВ ламба за проверка на избирачите што доаѓаат да гласааат, некаде отсуствуваат мерки на заштита од ковид-19, имало појави на неприфаќање лични карти, недозволена асистенција при гласање, па и закуски за членови на избирачките одбори.

„Членовите на Избирачкиот одбор (ИО) во ИМ 2932 во Бутел се зафатени со јадење и пиење, така што проверката со УВ ламбата им е последна од грижите. Проверуваат секој втор или трет гласач со УВ ламбата“, е првата информација што ЦИВИЛ ја сподели со јавноста на втората прес конференција за изборниот мониторинг во 10 часот.

Во ИМ 2582/1 во Ѓорче Петров нема средства за дезинфекција.

На повеќе Избирачки места (ИМ) на граѓани коишто имаат нова лична карта (издадена во претходните 2 недели) не им се дозволува да гласаат бидејќи ги нема во избирачките списоци. На граѓаните не им се даваат инструкции како понатаму да постапат. Овој случај се регистрира на избирачките места: 2930 во Бутел и ИМ 2611, 2593/1 и 2628 во Карпош.

На ИМ 9741 се бележи прекршување на протоколите за асистенција при гласање. На граѓанка со попреченост на видот ѝ било оневозможено да гласа со асистенција.

Во Гази Баба, во ИМ 2498 партиски надбљудувач седи до Претседателот на ИО. Кога набљудувачката на Цивил побарала информација кои се присутните и во кое својство, партискиот набљудувач и претседателот на ИО дрско ѝ одговориле со зборовите „Па баш на ЦИВИЛ ништо не им кажувам“.

Понатаму, мониторингот на ЦИВИЛ забележал дека на избирачки места 2500 и 2506 во Гази Баба на глас се читаат имињата на гласачите.

На ИМ 2695 не работат УВ ламбите, но гласањето не е прекинато.

Во ИМ 2704 во Аеродром, партиски набљудувач го повредува правото на тајност на гласањето, бидејќи седи веднаш зад параванот и гледа за која опција гласаат граѓаните.

На ИМ 2809, на една граѓанка ѝ дале гласачко ливче, ја испрскале со спреј и, пред да гласа, Избирачкиот одбор утврдува дека ја нема на Избирачкиот список. Гласачкото ливче ѝ го одземале и не и дозволиле да гласа. Избирачкиот одбор ја упатил да се јави до Општинската изборна комисија велејќи ѝ дека „таа е виновна што ја нема на списокот“.

Членови на партија нудат и вршат превоз на болни и изнемоштени на ИМ 1351 и 1354 во Прилеп.

Две лица со кеси со сендвичи, сокови и слатки и им го поделиле на членовите на ИО на ИМ 2690, 2691 и 2692 во Аеродром со зборовите: „Знаете од кого е поздравот!“, објаснија од ЦИВИЛ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...