fbpx

Мирен почеток на изборниот ден, набљудувачите на ЦИВИЛ бележат мал број нерегуларности

-

Забележани се одреден број инциденти, со кршење на изборниот молк и негативна кампања до отворањето на избирачките места утрово, а самиот процес на гласањето од 7 часот е одбележан со многу мал број нерегуларности, во Кочани и Брвеница, и непочитување на заштитните мерки за ковид-19 во Чаир, соопшти претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на првата денешна прес-конференција, која се одржа со почеток во 8 часот.

„Овие предвремени парламентарни избори се десетти по ред во нашата земја и се спроведуваат во специфични услови, со предизвици кои ги наметна пандемијата од корона вирусот. Затоа, нашиот прв апел е до гласачите, изборната администрација, медиумските екипи, полицијата и набљудувачите – строго да се придржуваат до мерките за заштита. Заштитата е едноставна, се носи маска, се држи дистанца и рацете се дезинфицираат при влез и при излез од избирачките места. Набљудувачите на ЦИВИЛ го започнаа своето изборно набљудување во 6:30 минути утринава. Им посакуваме успешна работа и мирен ден“, изјави Дерала на почетокот на првата прес конференција во хотелот Порта во Скопје.

Според извештаите од мониторингот на ЦИВИЛ, најзабележливо е тоа што во текот на изборниот молк, кој започна на полноќ, 13 јули, се бележат стотици случаи на кршење на молкот, како на социјалните мрежи, така и на терен, од познати, но и од непознати нарачатели. Изборниот молк се крши низ целата земја и во текот на изминатата ноќ, придружено е со невидена негативна, црна кампања, со стотици случаи на говор на омразата, лажни вести и дезинформации.

„За жал, овие денови констатираме дека во јавноста се добива впечаток дека во земјава функционираат две или повеќе министерства за внатрешни работи, а се констатира кршење на изборниот молк и политичка пропаганда кои произлегува токму од ова министерство. Тоа во јавноста остава лош впечаток и може да предизвика конфузија и несигурност. Да се надеваме дека граѓаните ќе покажат зрелост и политичка култура и ќе го искористат своето уставно гарантирано право на глас, независно од политичките несогласувања во ова министерство“, рече Дерала.

Што се однесува до нерегуларностите, мониторингот на ЦИВИЛ бележи случај во Избирачкото место (ИМ) 836 во Кочани, каде што има групирање на луѓе, а се бележи и обид за семејно гласање кој бил спречен од ИО. Понатаму, во ИМ 2042 во Брвеница, се бележи случај на неовластено присуство во избирачкото место, под изговор дека е партиски набљудувач на одредена партија, но без потребното овластување. Се создала тензија, а двајца членови на Избирачкиот одбор (ИО) му пружаат поддршка и му дозволуваат да остане во ИМ, без оглед на тоа што не поседува потребни овластувања.

Набљудувачите на ЦИВИЛ го набљудуваа отворањето на повеќе од 200 ИМ низ целата земја. Сите овие ИМ се отворени навреме, а самите ИМ се уредни и прописно подготвени за денешниот изборен ден.

Што се однесува до мерките за заштита од корона вирусот, се бележи дека во ИМ 2873 во Чаир членовите на ИО не ги почитуваат мерките.

ЦИВИЛ ќе одржи шест прес конференции во текот на изборниот ден. Следните термини за прес конференција се 10, 13, 16, 18 и 22 часот. Веднаш по завршувањето на прес конференцијата во 22 часот, ќе се одржи панел дискусија за оценка на изборниот процес, со учество на членови на тимот на ЦИВИЛ, како и Сашо Орданоски, Јасна Бачовска Висар Адеми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...