Одзив на гласачите во општина Аеродром до 9 часот | Извор: ДИК

Општина Аеродром, која е дел од првата изборна единица бележи највисок одзив на гласачите на денешните предвремени парламентарни избори – 10,6 отсто. Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК) за излезноста на гласачите на избирачките места во шесте изборни единици до 9 часот, најголема е излезноста во 1-та изборна единица, со 8,32 отсто излезност. Во оваа изборна единица што опфаќа дел од скопските општини и општината Македонски Брод, се запишани 309.210 избирачи.

Најслаб одѕив, од само 3,63 отсто има во 6-та изборна единица, во која влегуваат дел од општина Кичево и општините во Полошкиот регион кои граничат со Сарај и Македонски Брод. Во оваа изборна единица има речиси идентичен број запишани гласачи како во 1-та, односно 309.727.

Во 2-та изборна единица, во која се скопските општини Ѓорче Петров, Бутел, Шуто Оризари, Чучер-Сандево, Чаир, Гази Баба, како и Арачиново, Липково и дел од општините Куманово и Старо Нагоричане, излезноста е 6,68 отсто, а тука се запишани 319.820 избирачи.

Во Третата изборна единица што опфаќа територија од општините Илинден, Петровец, Зелениково, преку дел од Куманово и Старо Нагоричане, и потоа до источната граница на земјава без Кочани, излезноста до 9 часот била 8,05 отсто. Во 3-та изборна единица се запишани 278.511 избирачи, покажуваат податоците од ДИК.

Во 4-тата изборна единица, која се протега на југоистокот почнувајќи од Битола, преку Неготино како најсеверна општина, се запишани 282.506 избирачи, а излезноста до 9 часот била 7,77 отсто.

Петтата изборна единца која е на југозападот, а опфаќа дел од општина Битола се до дел од општина Кичево излезноста до 9 часот била 6,2 отсто. Во оваа изборна единица се евидентирани 314.489 избирачи и 706 избирачки места.