fbpx

Бегајќи од руските тенкови, украинската дизајнерка Елизавета спасот го нашла во Скопје

-

Младата дизајнерка Елизавета Матјушенко е една украинските бегалци која бегајќи од руските гранати и тенкови спасот го нашла тука, во Македонија. Нејзината сестра престојува во Бугарија, а Елизавета со дел од семејството живее во Скопје затоа што тука има пријателка чиј сопруг е Македонец.

„Јас сум од Украина, од мало село во близина на Харкив до руската граница. Една од нашите куќи е уништена поради руски напад. Всушност, го напуштивме Харкив и поминавме извесно време во Лвив. Тоа личеше како безбедно место. Но, цело време имаше аларми поради воздушните напади, а тоа создава нервоза. Постојано размислувавме како да одиме во странство, кај мојата пријателка во Македонија. Мојата последна мисла беше како да ја спасам и баба ми“, раскажува Елизавета за Мета.мк.

Таа, гледајќи ги фотографиите од разрушената куќа во која живеела и потсетувајќи се на стравотните настани, вели дека ако не успеале да ја напуштат Украина, сигурно ќе загинеле. Една од гранатите паднала точно врз креветот на нејзината баба. И, додека тенкови ги газеле нејзините спомени, Елизавета успеала да ги спаси и баба ѝ, а и нејзиниот очув и дедо од хоророт што го преживеале. Тука, живее во надеж дека и нејзиниот татко ќе ја преживее војната.

„Татко ми, е во близина на Лвив, се надевам дека е на безбедно место. Но, мислам дека не е толку безбедно бидејќи сега нема безбедно место во Украина“, вели младата дизајнерка.

По пристигнувањето во Македонија, Елизавета требаше да води нова битка. За да не зависи само од помошта на нејзините пријатели, таа покрај тоа што своите дизајни ги продава преку различни платформи како Шатерсток, успеала тука да најде хонорарна работа. Но, заради нејзиниот статус за престој не може да биде сигурна дека ќе добие долгорочен договор. За сега работи илустрации за детски сликовници, ги дизајнираше и беџовите за Етно кубот на Институтот за етнологија и антропологија, а работи и дизајни за еколошката организација „Еко свест“.

„Мојата пријателка како што кажав, има сопруг Македонец и тој нѐ поддржува многу. И целото негово семејство нѐ поддржува. А, сестра му е професорка овде па затоа ја имам оваа врска со локалното население. Тоа е толку добро за мозокот, за умот, да излезам некаде и да имам малку работа овде“, рече Елизавета. 

Дизајнерката се надева дека набргу властите од Северна Македонија чии претставници неколку пати до сега беа во Украина за да ја изразат својата поддршка, ќе најдат решение за пристапот до здравствена заштита на Украинците кои се наоѓаат во нашата држава, пристапот до образование на украинските деца, како и пристапот до работни места за привремено раселените Украинци. 

Токму на оваа тема минатата година во јуни министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се сретна со члениви на Здружението на Украинци во Македонија. Но, од тогаш па до сега, малку е променето. Претседателот на задужението„ Лесја Украинка“, Олександр Урбанович сè уште очекува конкретни решенија.

„Личната карта издадена од хуманитарни причини на украинските граѓани овде не им овозможува лекување, образование и со неа тие немаат право да работат. Тоа значи дека една година колку што трае важноста на документот тие се третирани како да се туристи. Од тие причини многу Украинци не останаа тука и мораа да се селат во други држави“, изјави Урбанович за Мета.мк.

Тој слична порака упати и од плоштадот „Македонија“ минатиот петок кога Украинците се собраа на митинг по повод годишнината од руската инвазија на Украина.

Украинците од центарот на Скопје порачаа: „Русија е терористичка држава“

Руската инвазија на Украина која трае веќе една година ја предизвика најтешката бегалска криза во Европа од крајот на Втората светска војна, штетите се проценуваат на стотици милијарди долари, а резултираше и со уништување огромен број градови и населени места. До сега, според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) низ европските држави евидентирани се над 8 милиони бегалци од Украина, а речиси 5 милиони бараат привремена заштита или користат други механизми за заштита во Европа.

Според податоците од Црвен Крст, огромно мнозинство од број на регистрирани лица кои имале потреба од хуманитарна помош од почетокот на кризата се со високо образование. Меѓу нив има ИТ професионалци, медицински лица и новинари.

Најголем број од бегалците прво спасот од руските гранати го побараа во Полска. Голем број заминаа во Германија, но и во други европски земји. Според податоците од УНХЦР, 6483 Украинци спас побарале во земјава. Министерството за внатрешни работи до 27 јануари оваа година привремен престој од хуманитарни причини им одобрило на 387 од нив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...