fbpx

Банките ги намалија каматите, ама заработија милиони евра на провизии

Дваесет или 30 денари за одржување на картични и трансакциски сметки, различни надоместоци за платен промет, еднократни казни за доцнења при уплата на картици... Најновите биланси на банките покажуваат дека тие инкасираат милиони евра преку овие и други надоместоци

-

Пораст на приходите од провизии и надоместоци откриваат финансиските извештаи на повеќето македонски банки за работењето во првото полугодие од годинава во услови на историски најниски каматни стапки и намалување на приходите од камати.

Дваесет или 30 денари за одржување на картични и трансакциски сметки, различни надоместоци за платен промет, еднократни казни за доцнења при уплата на картици… Најновите биланси на банките покажуваат дека тие инкасираат милиони евра преку овие и други надоместоци и дека нивните приходи по овој основ континуирано се зголемуваат.

Според извештајот објавен преку Македонската берза, приходите од провизии и надоместоци на Комрцијална банка во првите шест месеци од годинава изнесуваат 468,1 милиони денари (околу 7,6 милиони евра) и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13,9 отсто.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги на ТТК Банка во истиот период изнесуваат 65,6 милиони денари или околу милион евра и бележат пораст од 8,6% во однос на истиот период минатата година.

„Најголем придонес во структурата на оваа позиција имаат приходите од провизии коишто потекнуваат од платниот промет во земјата како од секторот население така и од секторот стопанство како и од приходите од провизии од секторот кредитирање“, информираат од банката.

НЛБ Банка соопши дека приходите од провизии се зголемени за 4,5 отсто како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар, продажба на полиси и договори за пензиско осигурување.

Анализата на податоците за работењето на банките покажува дека зголемувањето на приходите од провизии е тренд кој трае уште од минатата година. Имено, во 2018 година, банкарскиот систем оствари добивка од работењето во износ од 8,4 милијарди денари, која што во споредба со претходната година, е повисока за 27,4%, или за 1,8 милијарди денари.

Меѓудругото, за пораст на добивката придонесе подобрената оперативна ефикасност при забележано намалување на оперативните трошоци, како и растот на нето-приходите од провизии.

„Нето каматниот приход, како носечка компонента на вкупните приходи на банките, во 2018 година забележа намалување на годишна основа и за првпат по 2010 година имаше негативен придонес кон годишниот пораст на добивката на банкарскиот сектор“ укажуваат од Народната банка во извештајот за ризиците во банкарскиот сектор.

Оттаму објаснуваат дека нето-приходите од провизии се важна приходна ставка поврзана со редовните банкарски активности, којашто во последните пет години зафаќа околу 19 отсто, во просек, од вкупните редовни приходи.

„Анализата на структурата на нето-приходите од провизии покажува дека банките остваруваат најмногу приходи врз основа на провизии и надоместоци од вршење на платен промет во земјата, коишто објаснуваат 37,1 отсто од вкупните нето приходи од провизии и имаат најголем придонес за нивниот раст во 2018 година (од 37,2 отсто). Следни по значење се провизиите од картичното работење и од вршење платен промет со странство коишто придонесуваат со 24,2 отсто и 13 отсто, соодветно, за годишниот раст на вкупните нето-приходи од провизии. Приходите од пософистицирани, инвестициски активности, како што е управувањето со средства, имаат маргинално значење за приходите на домашните банки“, информираат од Народната банка.

Македонските граѓани нема начин да се заштитат од воведувањето нови провизии и од зголемување на надоместоците освен со добро информирање и избор на најсоодветна банка бидејќи регулативата остава банките самоволно да ги одредуваат трошоците за нивните услуги.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕИБ: Нема доволно податоци од регионалните претпријатија за да се процени нивниот импакт на околината

Според ново истражување на Европската инвестициска банка (ЕИБ), малите и средните претпријатија во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) не објавуваат доволно информации во однос на ЕСГ, мерка со...