fbpx

Автопатите на Коридорите 8 и 10д може негативно да влијаат врз шумскиот фонд

Заради недоволната јасност и прецизност на одредбите од Законот за животната средина, се поставува прашањето дали воопшто е започнат процесот за оцена на влијанието на делницата Гостивар-Букојчани

-

Сѐ уште не постои оцена на влијанието врз животната средина за првиот дел од автопатот Гостивар-Букојчани, каде што има пространство на шума. Заради недоволната јасност и прецизност на одредбите од Законот за животната средина, се поставува прашањето дали воопшто е започнат процесот за оцена на влијанието на делницата Гостивар-Букојчани. Ова се дел од заклучоците на Македонското здружение на млади правници, кои го издадоа документот за јавни политики насловен „Коридорите 8 и 10д – Дали имаме доволно гаранции дека изградбата на автопати нема да влијае негативно врз шумскиот фонд“. 

Документот се осврнува на изградбата на автопатишта и заштитата на животната средина низ призмата на ЕУ, но и на домашното законодавство.

Владата на РСМ на 7 март 2023 година го одобри договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д. Групи пратеници поднесоа девет предлози за изменување закони, кои, според образложението, се неопходни за реализација на проектот. Меѓу другите беа предложени и измени на Законот за шумите. Владата на 8 мај годинава со користење на т.н. скратена процедура со „европско знаменце“ достави предлози за пет од законите за кои веќе беа поднесени предлози од пратениците.

Во документот на Македонското здружение на млади правници се посочува дека оцената на влијанијата на животната средина при изградба на автопатишта е задолжителна и не смее да биде пропуштено да се направи само заради стратешката природа на изведба на проектот.

Притоа, во документот се препорачува дека оцената за влијанието врз животната средина при изградба на автопатишта треба да содржи предлози за тоа како патот треба да биде отпорен на климатските промени.

„Ова не само што е прифатено правило во развиените земји, туку е преземена пракса при изградба на дел од нашите автопатишта. Ваков детален проект со оцена на влијанието врз животната средина, земајќи ги предвид климатските промени, треба да има за секоја изведба на автопатишта“, стои во препораката.

Во документот се напоменува дека земјава мора да ги почитува законите и другите прописи и не смее да дозволи нивното менување да значи и трајно штетно влијание за животната средина.

„Потребно е да се почитува владеењето на правото и да се обезбеди правна сигурност. Промена на уредбата за оцена на влијанието врз животната средина, која е синхронизирана со Директивата на ЕУ, би значело доведување до правна несигурност, но и потенцијална неповратна штета на природата и биодиверзитетот. При носењето на измените на Законот за шуми, законодавниот орган мора да го има предвид Случајот со Шумата Бјаловиежа (Комисијата против Полска)“, препорачуваат од Македонското здружение на млади правници.

Исто така, инвеститорот и Министерството за животна средина и просторно планирање, при изработката, односно одобрувањето на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, мора да ги имаат предвид стандардите на Судот на правдата на ЕУ од аспект на: 1) комплетност и ажурираност на податоците што се користат, 2) кумулативното влијание на овој, но и на други проекти што се спроведуваат во тој регион, врз животната средина и врз заштитените подрачја, 3) начелата на висок степен на заштита, претпазливост, превенција утврдени во македонското законодавство за животна средина и 4) ставовите на науката.

„Јавноста мора да е вклучена во процесот на одлучување за изградба на автопатишта. Непостоењето достапна оцена на влијанието врз животната средина е спротивно на Архуската конвенција“, се препорачува во објавениот документ.

Документот е изработен во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени” кој го спроведува Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-Cвест во соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗПМ) и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – ЦНВП поддржан од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка – СИДА.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...