Арсовска предлага средношколците цело лето да се возат бесплатно во автобус

Фото: Мета.мк

Град Скопје планира да воведе бесплатен превоз за средношколците и во текот на летниот распуст, за да можат полесно да ги извршуваат воншколските активности. Ова е предлогот на градоначалничката Данела Арсовска, за кој советниците ќе се изјаснат на седница. За организирање и спроведување на бесплатниот ученички превоз, наместо предвидените 42 милиони денари, се предлага да се наменат 92 милиони, односно 50 милиони денари повеќе, кои, како што се наведува би се обезбедиле од повеќе ставки од градскиот буџет.

„Вака се овозможува користење на бесплатен јавен превоз на сите ученици од средните училишта на град Скопје во текот на целиот летен распуст. Со бесплатниот ученички превоз ќе се унапреди и олесни извршувањето на бројните воннаставни активности на учениците, нивните обврските за посетување феријална пракса, за дополнителна и подготвителна настава и за други спортски активности и потреби за движење. Дополнително се олеснува товарот врз семејните буџети на сите ученици запишани во средните училишта“, наведено е во образложението на предложените измени на Програмата.