Да се укине буџетското финансирање на платеното политичко рекламирање на партиите во изборните циклуси, бара Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со новата Национална стратегија за спречување корупција, каде што истакнува дека „ буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“.

„Заради природата на својата дејност и големото влијание врз креирањето на јавното мислење, медиумите се појавуваат како значаен корисник на јавни финансии. Во пракса, трошењето на јавните, а пред сè буџетските финансиски средства од страна на државните институции често се врши на нетранспарентен начин, со селективност, привилегии и отсуство на отчетност и надзор над доделувањето и користењето на финансиската поддршка. Конкретно, буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“, стои во стратегијата.

Во стратегијата, проблемот е формално опишан како „Отсуство на механизам и критериуми за ефикасно следење на финансирање на медиумските кампањи во изборниот процес“, а лекот, според ДКСК, е „Укинување на буџетското финансирање на платеното политичко рекламирање во изборните циклуси на партиите“.

Мерката е разработена во акцискиот план на стратегијата. ДКСК предвидела до крајот на 2020 година Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) да формира работна група за измени на Изборниот законик, а Собранието да ги усвои и да го прекине буџетското финансирање на изборните кампањи во медиумите.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.