fbpx

(АНАЛИЗА) Јавниот долг годинава ќе се приближи до речиси 62% од БДП

Прашањето за одржливост на јавниот долг стана актуелно и проблематично од 2020 година кога започна и трендот на пораст. Од 2018 година, според пресметката на Порталб вкупниот јавен долг е зголемен за повеќе од 2 милијарди евра

-

Годинава вкупниот јавен долг ќе ја надмине максималната зацртана граница од 60 отсто од БДП. Од следната година „на врата ќе тропнат“ за отплата еврообврзниците. Прашањето за одржливост на јавниот долг стана актуелно и проблематично од 2020 година кога започна и трендот на пораст. Од 2018 година, според пресметката на Порталб вкупниот јавен долг е зголемен за повеќе од 2 милијарди евра.

План на Владата за управување со долговите

Отплата на стари долгови, државни гаранции за заеми, позајмици за проекти на централно и на локално ниво – сите овие фактори годинава ќе го „напумпаат“ вкупниот јавен Долг. Според владиниот план зацртан во новата ревидирана Стратегија за управување со јавен долг 2024-2026, оваа година висината на вкупното задолжување ќе ја надмине максималната граница од 60%. Конкретно, јавниот долг се очекува да достигне историско ниво од 61,7% од БДП.

„Јавниот долг до крајот на 2023 година се предвидува да е во пропишаните рамки под 60% од БДП , а во 2024 година ќе го надмине максималниот праг од 60%, но како резултат на мерките на фискална консолидација, од 2025 до 2028 година се предвидува повторно враќање во пропишаните рамки под 60% од БДП“, се наведува во документот на Министерството за финансии.

Она што може да биде „ризично“ е гарантираниот државен долг кој ги опфаќа заемите на централно и на локално ниво за кои гарантира државата. Овој долг според планот за годинава не смее да надмине 15% од БДП.

„Издадените државни гаранции претставуваат потенцијална обврска за Буџетот на државата, односно постои ризик од зголемување на трошоците за сервисирање во случај на нивно активирање. Во таа насока, за периодот 2024-2028 година се утврдува лимитот нивото на гарантираниот јавен долг да не надмине 15% од БДП“, се потенцира во Стратегијата.

Од следната година отплата на еврообврзници

„Порталб“ повикувајќи се на податоци од Фискалната стратегија 2024-2028 веќе објави дека оваа и следните години по основ на домашно и странско задолжување доспеваат за отплата суми кои ќе надминат 1 милијарда евра на годишно ниво. Годинава за отплата ќе имаме нешто повеќе од 700 милиони евра а веќе од следната на „врата ќе тропнат“ отплатите и на еврообврзниците. Во 2025 година ќе треба да исплатиме 500 милиони евра по основ на еврообврзницата издадена во 2018 година.

Освен еврообврзниците, ќе се отплаќаат и заеми по други основи поради што следната година по основ на вкупните доспеани обврски кон странство и дома ќе треба да платиме скоро 1,24 милијарди евра, а во 2026 година сумата ќе достигне 1,37 милијарди евра.

Според последните расположливи податоци, на крајот на третиот квартал од 2023 година јавниот долг изнесувал 8 милиони евра или 55,3%. Трендот на позначаен пораст на јавниот долг започна во 2020 година со почетокот на ковид – кризата, а овој тренд продолжи во следните години поради економската криза. Во 2019 година јавниот долг изнесуваше 49,2% а веќе следната 2020 година достигна ниво од 59,7%.

Од 2018 година до крајот на септември лани, јавниот долг е зголемен за 2,8 милијарди евра. Одржливоста на јавниот долг изминатите години стана клучно економско прашање пред сè поради растечкиот тренд во услови на криза, а од друга страна скромни стапки на економски раст, недоволни за да ги „хранат“ буџетските апетити.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...