Во првата половина од годинава банките “тријат раце”, профитот на ниво на банкарскиот сектор е зголемен за фантастични 35,3 отсто во споредба со истиот период лани. Од друга страна, овој раст на добивката не е засенет од растот на нефункционалните кредити на фирмите и на граѓаните. Само по основ на потрошувачки и на станбени кредити, на крајот од август граѓаните должеле 3.200.000 евра, пишува Порталб.мк.
Фирмите “претпазливо” се задолжуваат со кредити
За само три месеци, или во вториот квартал од годинава, салдото на нефункционални кредити на фирмите и на граѓаните е зголемено за 6,8 милиони евра или за 3,5 отсто. Во вкупните нефункционални кредити доминираат оние на компаниите – уделот на крајот од првиот економски квартал се зголеми до ниво од 65,3 отсто. Зголемувањето на нефункционалните кредити е присутно кај повеќе индустрии, како текстилниот сектор, трговијата и градежништвото.
„Зголемувањето на нефункционалните кредити е присутно кај повеќето економски дејности, а е најзначајно кај „текстилната индустрија“, 3.600.000 евра – 145,8 отсто. Високата квартална стапка на раст на нефункционалните кредити кај секторот „индустрија“, речиси во целост е определена од нефункционалноста изложеност кон една компанија од текстилната индустрија. Наспроти тоа, намалување на нефункционалните кредити има кај дејноста „транспорт и складирање“, услужниот сектор и кај останатата преработувачка индустрија“, се наведува во новата анализа на НБРСМ за банкарскиот сектор во земјава.
Во вториот квартал нефункционалните кредити на претпријатијата се зголемиле за 4,1 отсто. Од друга страна, поради инфлациските притисоци кои влијаат врз економскиот амбиент, компаниите воздржано се задолжуваат со нови кредити. Во август, на месечно ниво е забележан пад на кредитите за компаниите за 0,3 отсто.
Потрошувачките и станбените кредити “најпроблематични” за отплата
Граѓаните најмногу се задолжени по основ на потрошувачки и на станбени кредити – токму и по овој основ е најголемиот раст на нефункционални кредити во апсолутен износ. Новите анализи за банкарските ризици покажуваат дека во вториот квартал од годинава нефункционалните кредити на домаќинствата се зголемиле за 3,1 отсто или за нови 2.061.000 евра.
Најголем процентуален раст на квартално ниво има кај нефункционалните кредити за купување на стан и деловен простор за 7,5 отсто.
Показателите за ликвидност на банкарскиот сектор се на задоволително ниво, солвентноста бележи подобрување, кредитното портфолио го задржа квалитетот – оценува Народната банка. Во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период лани добивката на банките е зголемена за дури 35,3 отсто.
„Зголемената добивка најмногу произлегува од растот на нето каматните приходи, а извесен придонес имаше и зголемувањето на нето-приходите од провизии“, се нотира во извештајот.
Со серијата на потези на НБРСМ за затегнување на монетарната политика банките изминатиот период освен што ги зголемија каматите за кредитите ги поскапеа и провизиите. Според најновите податоци на крајот на август, вкупната кредитна изложеност изнесува 7.056.000.000 евра со годишна стапка на раст од 6,4 отсто. Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните должат скоро 1.900.000 евра, а за станбени кредити 1.307.000 евра.
На ниво на целиот банкарски сектор нефункционалните кредити се на ниво од 2,9 отсто.