Анализа: 40% од младите изјавиле дека корупцијата во земјава ги мотивира да се иселат надвор

4 од 10 млади изјавиле дека ќе ја напуштат државата поради степенот на корупција, додека секоја трета млада личност изјавила дека токму корупцијата е главна мотивација да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејства, покажува анализа спроведена од Младинскиот сојуз – Крушево.

Во анализата учество земале 440 млади, од кои речиси 64 отсто изјавиле дека досега директно никогаш не учествувале во коруптивни активности. Сепак, 4% од нив состојбата со корупцијата во земјава ги наведува да стаант дел од нејзиниот синџир.

Генералната оценка за борбата против корупцијата од испитаните млади е 2 на скалата од 1 до 5.

„Прашани за тоа како ја идентификуваат корупцијата, младите испитаници во најголем процент изјавиле дека тоа претставува „пари во индекс за професорот/ката“ (57%), една третина дека тоа се партиските вработувања, а најмал процент дека тоа се „кафе и бонбониера за докторот“ (7%), односно „подарок во вредност до 1.000 денари, 3%“, се вели во соопштението од Макдинскиот сојуз.

Според резултатите, на младите корупцијата најмногу им пречи во сферите на правосудството, дури на 58%, во здравството, 27% и државната администрација, 18%, додека младите се изјасниле дека најмалку ја идентификуваат корупцијата како проблем кај полицијата, само 7% од нив.

Исто така, анализата покажува дека за младите луѓе најважно е лидерите и лидерките да бидат решителни и праведни, над 50%, понатаму транспарентни, над 15%, а најмалку или 6% посакуваат да бидат авторитативни.

„Според оваа анализа корупцијата претставува еден од најголемите проблеми кој го нотираат младите луѓе, а како дел од решението е целосната посветеност кон градење на транспарентно општество. Промовирањето на младинската активност и подигањето на гласот на младите е нашата главна цел во реализацијата на овој Проект“, вели Анелија Митрова од Младинскиот сојуз – Крушево.