fbpx

Американскиот генерал Мили: Украинската контраофанзива ќе биде „долга и крвава“

Во меѓувреме, се појавија извештаи дека директорот на ЦИА, Вилијам Барнс бил во тајна посета на Украина во јуни. Барнс се состанал со Зеленски и со претставници на разузнавањето за да разговараат за контраофанзивната стратегија на Украина

-

Контраофанзивата на Украина ќе биде многу тешка, а постигнувањето резултати ќе потрае долго и ќе биде „многу, многу крваво“, предупреди највисокиот американски воен офицер – армискиот генерал Марк Мили, пренесува „Гардијан“.

Генералот Мили за Националниот прес-клуб во Вашингтон изјави дека контраофанзивата напредува стабилно и дека „намерно се пробива низ многу тешки мински полиња“.

„Тоа што го кажав е дека ова ќе потрае шест, осум, десет недели, ќе биде многу тешко. Ќе биде многу долго и ќе биде многу, многу крваво. И никој не треба да  има илузии за што било од ова“, изјави Мили.

Генералот вели дека не е изненаден што напредокот бил побавен отколку што „некои луѓе и компјутерите можеле да предвидат“.

„Војната на хартија и вистинската војна се различни. Во вистинска војна умираат вистински луѓе. Вистински луѓе се на линиите на фронтот и вистински луѓе се во тие возила. Вистинските тела се уништуваат со силни експлозии“, додава американскиот генерал Мили.

Ројтерс известува дека Украина била претпазлива во јавното броење на придобивките од контраофанзивата што ја започна минатиот месец за враќање на територијата окупирана од Русија. И украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела рече дека контраофанзивата се одвивала побавно од очекуваното.

Во меѓувреме, Гласот на Америка пренесува дека директорот на ЦИА, Вилијам Барнс во јуни бил во тајна посета на Украина. Барнс се состанал со Зеленски и со претставници на разузнавањето за да разговараат за контраофанзивната стратегија на Украина.

Извештаи за тајните состаноци се појавија вчера. Тајните дискусии, наводно, се случиле пред бунтот на Евгениј Пригожин и платеничката група Вагнер против руското воено раководство.

Според медиумите кои објавија информации за посетата, украинските власти со шефот на ЦИА ги споделиле плановите за враќање на територијата окупирана од Русија и започнување преговори за прекин на огнот до крајот на годината.

За време на посетата, Барнс ја потврдил американската посветеност за споделување разузнавачки информации за да ѝ помогне на Украина да се одбрани од руската агресија.

Инаку, повикувајќи се на украинската Државна гранична служба, Укринформ објави дека Белорусија на своја територија би можела да смести околу 8.000 платеници од Вагнер.

„Терористичката земја продолжува да ја користи Република Белорусија како база за обука на своите единици и летови на воени авиони. Но, со оглед на новите можни ризици поврзани со подготвеноста на Лукашенко да смести платеници од приватни воени компании, Украина ја зајакнува својата одбрана во оваа насока. Развојот на ситуацијата во Белорусија е под контрола и постојано се следи“, изјавил портпаролот на украинската гранична служба Андреј Демченко за Укринформ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет – колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до...