Централното Собрание на Алијансата за Албанците утре во 11 часот, во просториите на ресторанот „Арена“ во Гостивар ќе одржи состанок на кој треба да одлучи дали ќе остане во владината коалиција.

Вчера премиерот Зоран Заев во интервју за емисијата „Ноќно студио“ рече дека владата ги доставила предлозите за новите министри до Собранието и дека предлог за министер за здравство е Венко Фелипче а не Вулнет Ферати кој го предлагаше партијата на Зијадин Села.

-На никого не му следува по паритет здравството туку се оди на квалитет, изборот се прави за индивидуа, не за партија. Непријатно ми е заради Села бидејќи тој беше рамо до рамо со мене во Собрание и заради тоа толку време траеја овие преговори, но не најдовме заедничко решение. Се надевам понатаму ќе градиме соработка и не само со Алијансата, туку и со будното око на опозицијата – рече Заев.

Претходно Села, по состанокот со Заев во владата рече дека Алијансата за Албанците нема да се откаже од ресорот здравство.

– Јас му дадов предлог на премиерот да стокми уште една друга позиција, што би била заменик премиер за носење бурек, а после таа позиција ќе им ја дадам на ДУИ. Нема да правиме договори над договорите. Договорот за владата беше направен кога се формираше владата. Се додека менаџиравме со министерството за здравство, го менаџиравме со успех. Ако на некој му пречи успехот треба да излезе и да каже дека има проблем со успешни министри и политички партии кои навистина се фокусирани на реформите – рече Села.