fbpx

Алијанса за Албанците предложи нови министри за здравство и за информатичко општество

Управниот совет на Алијансата за Албанците со 5 од 7 гласа одлучи за министер за здравство да го предложи Илир Демири, актуелен директор на Клиничка болница -Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами, магистер по политички науки

-

Отворената „војна“ меѓу Арбен Таравари и Зијадин Села од Алијанса за Албанците сè повеќе се разгорува. Откако приврзаниците на Села вчера предложија разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество, Фатмир Меџити и Азир Алиу, денеска дадени се предлози за двајца нови министри кои би ги замениле.

„Управниот совет на Алијансата за Албанците со 5 од 7 гласа одлучи за министер за здравство да го предложи Илир Демири, актуелен директор на Клиничка болница -Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами, магистер по политички науки“, стои во соопштението на партијата.

Претседателот на централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за в сабота закажа седница на ова партиско тело на кое најави дека ќе се бара одговорност од партискиот лидер Арбен Таравари.

Денеска пак, беше објавена информација оти Таравари го возвраќа ударот, односно дека за утре закажал состанок со делегатите на Централното собрание на Алијанса. Како што пренесуваат медиумите, Таравари за државната агенција МИА ја потврдил оваа информација. Сепак, од партијата велат дека „никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание“.

„Како што ќе заклучите од поканата, станува збор за собир и состанок. Партиското собрание, согласно статутот на партијата, е закажано за во сабота во Буши ресорт во 13:00 часот“, се вели во официјалната порака од партијата.

Неизвесно е како ќе заврши расколот во партијата. Денеска министерот за здравство Фатмир Меџити ги откажа сите јавни посети кои беа најавени од вчера, а лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски рече дека „доколку партија која што е дел од Влада побара нејзини членови да бидат заменети со други тогаш нормално дека во Парламент тоа ќе го предложат“.

„Ако партија која членува во Влада побара нејзини членови на Влада да бидат заменети со други тогаш нормално дека тие што се во парламент тоа ќе го предложат. Тоа се случувало и од страна на други партии кои што имале свои претставници во Влада, па потоа предложувале други претставници во Владата. Тоа е сепак барање на самите политички партии“, истакна Ковачевски.

Инаку, на вчерашната владина седница разрешени биле Бујаре Абази, директорка на АД „Македонски пошти“ и Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции, кои доаѓаат од редовите на Алијанса за Албанците (АА), двајцата блиски до Таравари. По овие разрешувања, се огласија министрите Алиу и Меџити, кои рекоа дека ќе се борат до крај за да докажат дека ова што се случува со активистите во партијата не е демократски чин и дека веројатно на некој му пречат резултатите што ги имаат министрите на АА.

Третиот министер во Владата од Алијанса за Албанците е министерот за правда Кренар Лога, кој застана на страната на Зијадин Села, претседател на партиското Централно собрание. За него не се бара оставка.

Целиот хаос во партијата од албанскиот политички блок започна кога Таравари ја започна да ја предводи иницијативата за изборно коалицирање со здружениот Европски сојуз за промени, каде што се вклучени Алтернатива (Африм Гаши), Демократско движење (Изет Меџити) и партијата Беса (Билал Касами), додека Села е со цврст став дека Алијанса за Албанците не треба да влегува во предизборни коалиции со албанската опозиција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...