ДИК ги потврди седуммината кандидати за претседател

Во трка за претседател на Македонија се Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска-Цветковска и Бујар Османи

фото: Теута Бучи / Порталб.мк

Државната изборна комисија (ДИК) денеска едногласно ги усвои кандидатурите на Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска-Цветковска и Бујар Османи за претстојните претседателски избори, во рамки на кои, првиот изборен круг ќе се одржи на 24 април, а вториот, на 8 мај.

Таравари и Јакимовски во рок од 48 часа треба да ја комплетираат својата документација со даночен број и трансакциска сметка.

Шестмина од кандидатите собраа над 10 илјади потписи од граѓани. Силјановска-Давкова собра повеќе од 20 илјади, но поднесе кандидатура со 30 потписи на пратеници.

Зад кандидатурата на Пендаровски застана СДСМ и коалицијата, зад Силјановска Давкова е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Јакимовски е кандидат на ГРОМ, Димитриевски на ЗНАМ, Таравари ја претставува коалицијата Вреди, Ванковска е кандидат на партијата Левица, а Османи е кандидат на ДУИ.