КЗБ: Да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и да не се примаат во градинка невакцинирани деца

Ако едно дете примило две дози вакцина за пертусис, ќе мора да ја прими и третата доза, за да може оди во градинка, со цел да се примаат само целосно вакцинирани деца, предлага Комисијата за заразни болести

Photo by charlesdeluvio on Unsplash

Членовите на Комисијата за заразни болести (КЗБ) денеска предложија да се прогласи епидемија на голема кашлица на територија на град Скопје. Една од одлуките е да се повикуваат родителите да ги носат своите деца на вакцинација, со акцент на оние кои прошуштиле некоја од дозите. Исто така, во моментот кога Министерството за здравство односно Владата ќе го прифати предлогот и препораките, градинките нема да смеат да примаат деца кои ги немаат примено трите дози вакцина, кои се добиваат во првата година од животот.

„Имаме 18 заразени, потврдени случаи со голема кашлица. Имајќи предвид дека овој број расте, посебно во Скопје (каде што бројот на заразени е 14), предлагаме прогласување епидемија на територија на град Скопје. Ова треба да ни олесни во справување со ризикот од оваа болест. Очекуваме да излезе упатство за постапување во услови на епидемија од Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да се насочени на пополнување на „промашените“ вакцини, оти опфатот не е на задоволително ниво и овде треба да се фокусираме“, рече на прес-конференција д-р Александар Петличковски, директорот на Комисијата за заразни болести.

Тој појасни дека ќе се повикуваат сите оние кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар, а информираше и дека за таа цел ќе работат пунктовите во две смени и во сабота.

„Препорачуваме и забрана за прием на невакцинирани деца во градинка. Очекуваме овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација зашто во фокусот ни е заштитата на најмалите. Вакцинацијата почнува во вториот месец од животот и затоа ги повикуваме сите родители да се придржуваат до овој распоред зашто вакцината штити од сериозен тек на болеста“, потенцира Петличковски.

Во врска со школските деца, и со оглед на тоа дека во општина Аеродром има најмногу болни деца, од кои многумина се невакцинирани, Петличковски кажа дека тоа е проблем за кој во овој момент Комисијата нема решение.

„Тоа е проблем кој го детектиравме, но за тоа немаме решение во моментот. И образованието е задолжително и вакцинацијата е задолжителна. Ова второво некако победува, па затоа оваа препорака за задолжително примена вакцина, не може да важи и за училиштата“, рече тој.

Тој појасни дека заразноста трае пет дена, а инкубацискиот период – од 7 до 21 ден.

„Но, по примената антибиотска терапија, препораката е потврдените случаи да останат изолирани. Сепак, тоа не е задолжителна препорака. Имаме тестови на располагање во моментов, матичните лекари ќе добијат упатства според овие преораки на СЗО за упатување за тестирање на сомнителните случаи“, информира Петличковски.

Во однос на забраната за упис и носење во градинка, тој потсети дека ваква забрана имало и кога пред неколку години имаше епидемија на морбили.

„Не може да се враќаме во 20 век и не можеме сега да зборуваме за значењето на вакцините, јасна е нивната ефикасност. Од искуството со епидемијата на морбили, тоа имаше ефект. Затоа очекуваме брзо да се прифати овој предлог и да се ефектуира поскоро“, додаде тој.

Д-р Катерина Ставриќ од Клиниката за детски болести кажа дека кај дете кое примило 3 дози вакцина во првата година, компликациите се исклучително ретки. Со новата предложена забрана за прием и одење во градинка, таа кажа дека ако едно дете примило две дози, ќе мора да ја прими третата за да оди во градинка, со цел да се примаат само целосно вакцинирани деца.

„Ако имаме докажан пертусис, лицето се изолира и се оди на антибиотска терапија бидејќи се работи за бактериска инфекција. Во поглед на домашните, нема потреба од профилакси, зашто ако останатите се вакцинирани, тоа е доволна заштита. Проблем има во семејствата кај што има бебе. Ако има постаро братче заболено, тогаш се препорачува евентуална хемопрофилакса на домашните членови за да се заштити бебето. Тоа значи давање превентивно антибиотик на останатите членови на семејството“, појасни Ставриќ.

Д-р Фадил Цена, директорот на Клиниката за инфективни болести кажа дека не може секоја калица да се именува како голема кашлица.

„Ние сме среде сезона на грип. Затоа постои таа алка, пациентите прво се јавуваат кај матичен лекар, кој понатаму проценува како да постапи“, рече директорот.

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпаролот на Комисијата за заразни болести кажа дека во моментот нема пренос „случај на случај“.

„Во моментот сите случаи кои се во државата, 18 на број, се засебни случаи што во основа за нас е оправдание да прогласиме епидемија на град Скопје, за да не дозволиме кластери“, рече тој.

Петличковски, пак, потсети дека во Србија, од околу 700 луѓе со потврдена инфекција на голема кашлица, 64 отсто биле вакцинирани.

„Овие епидемии во различни региони во светот се јавуваат на 3 – 4 години, и во популации кај што има поголем опфат на вакцинација. Не е исклучено пертусисот е меѓу народот, но сакаме да го ограничиме ширењето“, кажа тој.

Во врска со опфатот, на прес-конференцијата беше кажано дека 84 отсто примиле трета доза, а само 69 отсто се ревакцинирани на 18 месеци. Во второ одделение, процентот е 89 отсто.

Инаку, од големата кашлица или пертусис најчесто заболуваат деца на возраст од една до пет години, но и доенчиња. Периодот на инкубација (првиот стадиум на болеста) потсетува на настинка со кашлица, а потоа преоѓа во напад на испрекинато кашлање. Кај малите деца кашлањето може да доведе до прекин на дишењето и со тоа може да се загрози животот. Со текот на времето, нападите на кашлање стануваат поблаги и проретчени.