Активисти затрупаа дупки на голф терени – герила акција во Шпанија против прекумерното трошење вода

Од организацијата XR посочуваат дека за одржувањето на терените за голф низ Шпанија е потребна повеќе вода од количествата што ги користат Барселона и Мадрид заедно

Фото: Allan Nygren на Unsplash

Активисти низ Шпанија извршиле герила акција на десет терени за голф – ги затрупале дупките за голф со цемент и во нив никулци, во знак на револт на тешката суша во Шпанија, за која се смета дека е најтешката суша во последните 100 години, известува Си-ен-ен.

Предводени од организацијата „Бунт против истребувањето“, или скратено XR, заедно со повеќе други климатски организации, активистите пристигнале до терените за голф со транспаренти на кои пишувало: „Внимание! Суша! Голф теренот е затворен поради климатска правда“.

Од организацијата XR посочуваат дека за одржувањето на терените за голф низ Шпанија е потребна повеќе вода од количествата што ги користат Барселона и Мадрид заедно. Дополнително, посочуваат дека само 0,6% од шпанското население игра голф.

„Целта на протестот беше да се прикаже цинизмот со тоа што се дозволува вакво елитистичко хоби, додека Шпанија се суши и земјоделците губат милиони поради немање вода за наводнување“, изјавуваат од XR.

Шпанија се справува со суша од крајот на 2022 година. Иако во регионот често има суша, експертите посочуваат дека има драстични промени во последната година. Во март 2023, во земјата имало дожд од само 36 отсто од месечниот просек. Во јуни, температурите во делови од државата се качиле и над 44 степени Целзиусови.

Веќе се забележува намалување на количеството на вода во вештачките езера на Шпанија – во некои се останати само 10% од водата што некогаш ја имало. Ова има директна последица врз земјоделците, кои зависат од водата од вештачките езера за наводнување на нивната почва.

Постои и страв дека ќе се повторат катастрофалните пожари кои ја изгореа Шпанија минатата година.

Големата суша и високите температури предизвикаа пожари во неколку европски земји