Младите зборуваа за активизам и заземањето јавен простор

Се споделија знаења и искуства на конференцијата за активно граѓанство „КритикУМ“, организирана од здружението за едукативен развој „Еквалис“

Активизмот е двигател за позитивна промена во една општество, но што се случува кога граѓаните на истото општество сè помалку веруваат дека нивниот активизам ќе биде чуен? Дополнително, каде воопшто ќе си ги чујат и пренесат граѓани своите идеи во време на исчезнување на јавниот простор? Овие прашања, а и многу други, се дискутираа вчера на инспиративното дебитантско издание конференцијата за активно граѓанство „КритикУМ“, организирана од здружението за едукативен развој „Еквалис“.

Настанот се јавува како одговор на исфрустрираната, но резигнираната, младина на која често не ѝ е проследено знаењето за тоа како може да се делува во својата заедница, велат од „Еквалис“. Фали адекватен јавен простор во кој младите ќе можат да се вмрежат и да ги разменат своите идеи.

Со цел поттикнување на т.н. „грасрутс“ активизам, организаторите на настан викнаа и млади и искусни активисти да ги споделат своите мислења, искуства, успеси, како и неуспеси.

Сара Миленковска, феминистичка истражувачка, ги сподели своите знаења во прирачникот за активно граѓанство, кој воедно и се промовираше на конференцијата. Таа црпела инспирација од светски движења кои смета дека се соодветни за тукашниот контекст, како и од своите истражување за колективната грижа како клучна алатка за промена. Таа го истакна пренесувањето на знаењето како клучна форма на грижа, потенцирајќи дека никој од нас не е роден со знаењето како да е активист.

Дополнително, Миленковска го потенцираше справувањето со препреките и разочарувањата при активизмот како точки на инфелксија на кои треба да им се обрне внимание во кое било движење.

„Понекогаш слабите страни во процесот се моменти во кои може да се зајакнеме и да се обновиме. Сепак треба и да се пренесе знаењето, тоа што можеби не функционирало за едно движење ќе функционира за друго“, порача Миленковска.

Следеше перформанс од танчарите Никола Игновски и Ива Георгиева, придружен од говори од протести во Македонија прочитани од Бисера Ѓуровска. Перформансот целеше да ја истакне телесноста на страдањето и угнетеноста на маргинализираните групи.

Искуствата со грасрутс активизмот го сподели Бојан Станиќ, во рамка на панел-дискусија со други активисти. Станиќ, кој организира културни настани во Битола, зборуваше за важноста на хоризонталните структури во неговиот досегашен активизам, како алатка која не само што го одржува иницијалниот подвиг на едно движење туку и ги поканува други да се придружат во некоја борба. Според него, активизмот треба да дојде во нужност за да биде одржлив. Во неговиот конкретен случај, нему и на неговите пријатели им фалеле концерти на алтернативни бендови во Битола, па така тие тргнале сами да ги организираат таквите настани.

Истакната беше и потребата на директно ангажирање со својата заедница, не само за да се фокусираат целите на едно движење туку и за да всушност се разберат кои се потребите на твојата заедница. Алмира Фасљии Муарем, активистка за правата на Ромите, зборуваше за како директните средби со членови на посиромашни членови на ромската заедница ѝ помогнало да си ги разјасни своите цели како активистка, како и да ги надмине некои од своите интернализирани предрасуди кон својата заедница.

Сите панелисти ја уважија потребата на јавниот простор за да воопшто се разменат ваквите идеи, како и да се запознаат членови на својата заедница. Имено, на следниот панел зборуваа активисти кои токму се бореле за задржување на јавниот простор за тоа како се мобилизирале.

Јована Стефановска, професорка на Факултетот за ветеринарна медицина и една од главните чинители во движењето „Борба за Влае“, бујно раскажуваше за убавината на спонтаноста на нивното движење.

Тоа започнало со еден прост разговор меѓу неа и сосетка која ѝ ја посочила застрашувачката бетонизација во нивната општина која била испишана во најновиот ДУП. Тие отвориле страница на Фејсбук, која брзо станала популарна. Добиле многу пораки и се вмрежиле голем број соседи кои повикувале други соседи со тоа што пишувале за нивната иницијатива во Вибер групите на нивните куќни совети. Се приклучиле и неколку урбанисти, кои им помогнале брзо да го научат методот на побуна – анкетни листови со жалби за ДУП-от до општината.

Друга успешна приказна, но со многу повеќе препреки, беше таа на Социо-културниот простор Тетово, познат како „Space Tetovа“. Волонтерката од центарот Зорица Здравковиќ зборуваше со голема љубов за креирањето на просторот кој им бил дал од општината, но и со разочарување и пркос за тоа како партиските игри кои им го одзеле просторот.

Иако волонтерите на „Space Tetova“ имале дозвола и финансиска поддршка да го користат просторот, кога се сменил градоначалникот, тие добиле само десет дена да се отселат. Откако излегле јавно во медиумите за да го адресираат овој проблем, биле жртва на секакви незасновани тенденциозни обвинувања. Сега „Space 2.0“ е преселен во приватен простор.

Се зборуваше и за друга слична борба за културен простор, односно за неформалното движење „Сите за МКЦ“. Движењето беше реакција на намалениот буџет доделен до институцијата, како и непрописното назначување на в.д. директор. Тоа почна со протестен собир пред културниот центар, во форма на импровизиран музички фестивал со неколку бендови.

„Револтирани од ситуацијата, бендовите излегоа и го направија тоа што знаат: свиреа“, раскажува Галена Јованоска, студентка која била вклучена во движењето.

Јованоска зборуваше за возбуденоста при организирањето на акциите, кои ги вклучуваа претходно споменатиот собир, герила акција пред Советот на Град Скопје и веење на огромно платно на кое пишувало „Видете нè колку нè има“ за време на концерт во културниот центар. Но, Јованоска зборуваше и за грешките во процесот (на пример правната немоќ на петицијата за која се собирало потписи за време на концертот) како и за губењето мотивација.

Регионална перспектива понуди и Александар Шалевиќ, кој има студирано во Љубљана. Иако Љубљана е позната по своите автономни културни центри како „Метелкова“, центарот „Рог“ бил урнат од власта.

Важноста на просторите како „Рог“, МКЦ и „Space Tetova“ беше опиплива во пасијата за кои младите говорници зборуваа за нив, како и за пркосот во борбата за нивниот опстанок. Тие ги нарекуваа како втори домови, места за запознавање нови луѓе и за развивање на својот светоглед.

„’Space Tetova‘ е нешто што ми е многу важно. Цел живот сум пробувала да побегнам од Тетово, толку ми даде надеж да се борам бидејќи навистина им треба тој простор на младите во тој град“, вели Здравковиќ.

Стефановска од „Борба за Влае“ се согласи и препорача на млади активсти да се вмрежуваат и да контактирааат луѓе во своите движења. Имено, таа се надоврза на поентата на Станиќ, кој зборуваше за важноста на „подвањето на фаќелот“ при активизмот. Според неа, клучно е да се разграни движењето, бидејќи инаку има ризик на губење погон ако е тоа врзани само за неколку луѓе.