Дебата за конструктивни наративи: проблемите се системски, решението е во рацете на младите

На конференцијата се истакна недовербата во системот и корупцијата како главни фактори кои придонесуваат во исклученоста на младите во внесувањето на политиките, се истакна комуникацијата меѓу младите како еден од клучните начини да се спротивстави на деструктивните наративи

Фото: Мета.мк

Недовербата во јавните институции, корупцијата и родовите улоги доведуваат до деструктивни наративи и неангажираност кај младите, потенцираа говорниците и учесниците на регионална конференција за младински политики и конструктивни наративи на локално ниво „Младински соседски дијалози: Сега за Иднината!“. На настанот говореа Вели Креци, експерт за конструктивни наративи, Илона Олехлова, чешка активистка која долги години работи во Македонија и Сара Миленковска, експертка од UN Women.

Вели Креци го претставуваше своето регионално истражување во врска со зајакнувањето на улогата на младите во промовирањето на конструктивни наративи и заемно разбирање. Нивните цели биле да се испитаат кои се деструктивните наративи кои доведуваат до разочараност и намалена ангажираност во своите заедници кај младите, како и кои практики доведуваат до поголема општествена исклученост кај младите. 

Како најважни проблеми за социјалното растројство во Македонија, младите во истражувањето ги потенцирале корупцијата, непотизмот, неадекватниот образовен систем, ограничениот дијалог меѓу различните етнички заедници и тоа што државните институции не прифаќаат одговорност за социјалните проблеми. Креци исто така ги истакна крајнодесничарските и националистичките наративи и дезинформациите како двигатели на социјалната исклученост кај младите.

Креци и неговите колеги ги поделиле најважните видови младинска ангажираност во неколку поткатегории: активизам во рамките на една општина, размената на знаење  меѓу младите помеѓу различни градови во една држава, размена на знаење меѓу разни држави, активизам фокусиран на образование и уметност, како и ангажирање со поопшти проблеми.

„Младите се важни во спротивставувањето на деструктивните наративи бидејќи секој нивен чекор денес влијае на иднината. Ако денес се поддржуваат наративите кои охрабруваат дискриминација, ќе се создаде простор за повеќе дискриминација во иднината“, вели Креци.

Фото: Мета.мк

Во истата сесија со Креци говореше и Илона Олехлова, чешка активистка активна во Македонија. 

Олехлова претстави позитивни примери за тоа како можат младите да ги користат дигиталните алатки за промовирањето на позитивни наративи.

Од мајчината Чешка, таа истакна инстаграм профил со преку 180.000 следбеници кои постираат содржини поврзани со чешка политика на начин кој е лесен за разбирање за младите, често осврнувајќи се на корупцијата. Младата девојка која го отворила профилот била поканета на младински дебати организирани од Европската комисија.

Олехлова исто го истакна и македонскиот инстаграм профил meleemskopje, кој постира за архитектурата, но и за тоа како архитектурата околу нас влијае на нашите дневни животи. Со овој пример, Олехлова истакна како можат да се најдат конструктивни наративи низ секакви теми.

При отворената дискусија, учесниците имаа прилика да споделат како тие придонеле до позитивни наративи. Еден од позитивните примери беше младинскиот совет од Зрновци, најмалата општина во државата, кој веќе една година функционира. Дополнително, сите пет члена неговиот управниот одбор се жени. Друг позитивен пример беше снимањето на филм за семејно насилство во Гевгелија.

Но, исто така се дискутираше како немањето одржливост на добри иницијативи влева сомнеж кај младите во тоа колку вреди да се вложат себеси во младинските проекти. Учесничка од публиката потенцираше проект кој бил наменет да им помогне на глуви луѓе при лекарските посети. За жал, снемало средства за тој проект и веќе не е активен.

Главната порака на Олехлова беше да не се обесхрабрат младите овде поради корупцијата или поради високите нивоа на емиграција бидејќи истите проблеми постојат и во земјите кои младите ги идеализираат, како Чешка и Словачка.

Следната сесија беше предводена од Сара Миленковска, истражувачка по родови прашања од UN Women. Таа го претставуваше меѓународното истражување кое било спроведено во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово за перцепцијата кај младите на теми како родова еднаквост и социјална кохезија. Истражувањето се состоело од национални и регионални консултации и интервјуа.

Како важни аспекти кои придонесуваат до родовата дискриминација, младите од истражувањето ги потенцирале родово-базираното насилство, економската нееднаквост и родовите улоги. Иако родовите улоги се пренесуваат по социјалните мрежи, младите истакнале дека тие се присутни на системско ниво во образовниот систем.

Заедничка нишка од регионалните консултации во секоја од претходно наведените земји било тоа што на младите им недостигал простор отворено да се зборува за овие теми, каков што добиле за време на истражувањето. Дополнително, Миленковска посочи дека консултацијата во Скопје, на пример, овозможила некои од учесниците првпат да зборуваат со Ромка или со Албанка за вакви теми.

Учесниците ја истакнаа потребата да се прати локалната состојба во врска со ваквите наративи и решенијата да се соодветни за локалните проблеми. Но, како предизвик во локалните решенија беше истакнато тоа што локалните самоуправи ретко располагаат со квалитетни родово базирани статистики.

Во врска со тоа, Миленковска истакна дека Македонија всушност има долга традиција на политичка ангажираност од жени, како што e Антифашистичкиот фронт на жените. Ваквите наративи се важни при побивањето на идејата дека родовата еднаквост е нешто што е чисто наметнато од Западот.

Дополнително, се дискутираше и улогата на дигиталните алатки и социјалните медиуми при ширењето на деструктивни и позитивни наративи. Иако најчесто деструктивните наративи полесно се шират, сепак, онлајн просторот може да се користи и за да се поврзат активисти и да се шират позитивни пораки.