„Еквалис“ со петиција за бесплатен оброк за секој ученик во основно и средно училиште

Во онлајн петицијата пишува дека бесплатен оброк се бара, меѓу другото, затоа што сè уште има ученици коишто се срамат да излезат на голем одмор поради тоа што немаат доволно пари да си купат достоен оброк и затоа што „на гласен стомак не можеме да постигнеме доволно добри резултати на училиште“

Photo by Apex 360 on Unsplash

Над 4.700 потписи досега собра онлајн петицијата на Здружението за едукативен развој Еквалис за бесплатен оброк за секој ученик во основно и средно училиште.

Со оваа петиција, од Еквалис велат дека бараат од Министерството за образование и наука (МОН) да обезбеди бесплатен оброк за секој ученик во сите основни и средни училишта на територијата на целата држава.

Бесплатен дневен оброк се бара за секој ученик од прво до деветто одделение во основните училишта и за учениците од прва до четврта година во средните училишта, според стандардите за правилна исхрана во училиштата. Понатаму, се бара МОН да обезбеди договор со Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа, во однос на резервирање финансиски средства за бесплатен оброк за сите ученици.

Петицијата ја почнале група млади активисти од повеќе различни градови, со поддршка на Еквалис. Покрај онлајн верзијата, се спроведува и физичко собирање потписи, при што за еден месец петицијата ја потпишале над 1.500 граѓани.

Во онлајн петицијата пишува дека бесплатен оброк се бара, меѓу другото, затоа што сè уште има ученици коишто се срамат да излезат на голем одмор поради тоа што немаат доволно пари да си купат достоен оброк и затоа што „на гласен стомак не можеме да постигнеме доволно добри резултати на училиште“.

Понатаму, според истражувањата, се вели во петицијата, секое трето дете во 2022 година не добивало ниту еден здрав и квалитетен оброк во текот на еден ден. Во семејства со три или повеќе деца, речиси половина од децата немаат ниту еден здрав оброк во текот на еден ден.

„Според истражувањата, придобивките од воведување бесплатен оброк кај учениците е веќе неопходност. Новата анализа којашто ја презентираа УНИЦЕФ и Аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата поради кризата со храна и енергија“, велат од Еквалис во петицијата.

Од таму додаваат оти УНИЦЕФ препорачува воведување на програма за бесплатен оброк за учениците, со цел да се подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците и да се влијае врз намалување на сиромаштијата.

Онлајн петицијата е достапна и може да се потпише на овој линк.