Пондер и независната културна сцена во Битола: Ако не го направиш ти сам, никој нема

Колективот Пондер се сочинува од група ентузијасти-активисти и имаат организирано мултимедијални настани во Битола цело лето

Фото: Американскиот бенд Daikaiju на настан на Пондер, сликано од Илчо Пејовски

Има некоја посебна енергија на културната сцена во Битола последниве неколку месеци. Се чини дека секоја недела има некој концерт од интересен домашен или странски бенд, во комбинација со некоја изложба или пак промоција на самоиздадено дело.

Одговорните за голем дел од овие настани се „Пондер“. Станува збор за здружение на битолски ентузијасти-активисти. Нивната цел е да се воздигне независната културна сцена во Битола и да им се даде многу потребен простор на оние уметници кои творат од љубов. Настаните често се мултимедијални – изложени се сликите на некој млад неекспониран уметник, додека свири некој лудо добар бенд.

Фото: Луфтанза на Пондер, сликано од Емилија Трајковска

По неколку одржани настани во 2022 година, иницијативата влезе во полн погон оваа година во мај, со концерти од скопскиот состав Харакири и грчкиот метал бенд Blame Kandinsky, како и изложба од Партизанска штампа, скопски ситопечатарски колектив.

Оттогаш досега имаат одржано 8 настани, вклучувајќи ги македонските артисти Funk Shui, Луфтанза, Corrosion, Беседа, Кенопсија, Корпорација Вагина, Yöu како и американските Daikaiju и хрватскиот состав From Another Mother. Се изложи уметноста на ferdio2049, а се промовирле и издале кратки стрипови на Април Попоска, Гаја Смилевска и на Михаил Марковски во соработка со Бојан Станиќ.

Станиќ е инаку еден од главните чинители во Пондер со долгогодишно искуства при организирањето на културни настани и имавме прилика да разговараме со него.

Настан со којшто особено се гордее Станиќ е Саемот на книгата и стрипот кој се одржа есенва. Настанот вклучувал пет издавачи, дискусии, промоции, концерти од Такси Конзилиум, Хана корнети и Црно дете. Исто така, беа промовирани претходно споменатите стрипови, како и „A Small Roma Memory Book“ од Џемилиана Абдулова.

Фото: Бојан Станиќ на Саемот на книга и стрип, сликано од Емилија Трајковска

Од Пондер целат да создадат простор за слободен израз каде што секој од секаква позадина, религија или сексуална ориентација би се чувствувал комотно. Воедно, се трудат и да поддржат артисти од маргинализирани заедници. Но, Станиќ вели дека не сакаат да ги токенизираат и да ги користат како беџ за фалење, туку изборот за артисти доаѓа првенствено од искрена почит кон артистот и што тие имаат да кажат.

„Целта на Пондер е да ги лоцира оние луѓе кои би правеле уметност секако, не тие што пишуваат песни за да го освојат светoт. Ги бараме тие луѓе кои цртаат, пишуваат песни, свират музика бидејќи мораат. Така ги одбираме луѓето, луѓе што и имаат што да кажат“, дополнува Станиќ.

За самата организација зад Пондер, тој вели дека се состои од околу петнаесетина луѓе кои се ротираат во однос на вклученоста во настаните, секој со различни искуства во културата.

„Кога ќе ме прашаат што најмногу треба за организирање настани, секогаш викам дека најмногу треба луѓе. Во организацијата сме 10-15 луѓе. Се ротираме – се прави акциска група за секој настан, во зависност од тоа кој има слободно време, на кој му е во интерес. Сè правиме во слободно време, инаку работиме 8 саати нешто друго за живот. Организацијата е чат на Фејсбук. Секој си зафаќа обврска што му е во негов домен на експертиза“, објаснува Станиќ.

Фото: Уметност на @ferdio2049, сликано од Илче Пејовски

Станиќ бил инволввиран во многу културно-активистички иницијативи во Битола. Голем дел од луѓето со коишто соработува до ден денес ги запознал преку стекнатите пријателства од годините на организирање настани.

Првиот настан кој го организирал бил концерт на Фонија во 2013 година, на 20 декември, како што од памет прецизираше Станиќ.

„Имаше донации на свирката, некако се закрпивме, собравме доволно пари да им го исплатиме патот на Фонија. Така почна, со ’глата‘ напред – можда не со многу знаење но со многу волја“, се присетува Станиќ.

Малку знаење и многу волја е и добра сумација на хардкор панк и Do It Yourself (направи сам) идеологијата на која се повикува Станиќ. Со неа пораснал и ја држи при срце до ден денес.

„Доаѓам од една култура на хардкор панк, анархизам и сè тоа. Свирењето не беше само ’ние свириме музика‘. Никој од нас не се ни перцепиравме ко музичари. Ако си дел од хардкор панк, без разлика што свиревме сурф, сам си букираш концерти, сам контактираш луѓе. Првата свирка ни беше во Битола. Втората ни беше во Куманово, му пишавме на Марче од Боилинг поинт. Ако сакаш да свириш во други градови, други бендови ќе сакаат да свират во твојот град“, објаснува Станиќ за тоа како се формираат врските во музичкиот свет.

Други културни иницијативи во кои се вклучил Станиќ била независната задруга Артикултура во мај 2017 година. За жал, приказната на Артикултура завршила во јануари 2018 поради финансиски тешкотии. Но, во тие осум месеци свиреле повеќе од 60 бенда, а одржале и саем на книга, скејт натпревар, изложби, монодрами, претстави, дискусии и проекции. Покрај краткото траење на проектот, Станиќ се присеќава на времето поминато на организирање настани како „8 месеци слобода“.

Во 2019 година бил дел од група ентузијасти-активисти кои се нафатиле да го чистат битолскиот објект „Кино Партизан“. Тој бил во распад и извадиле „буквално“ два камиона полни ѓубре. По месеци чистење и инсталирање струја, тие биле ограбени. По мал период на обесхрабреност поради кражбата, продолжиле. Но, на крај биле одбиени од Народниот театар на Битола, кој раководел со објектот, поради тоа што „не владеело расположение за давање на просторот за оваа намена, туку дека работата се движи кон тоа просторот да биде издаден“.

Фото: „Операција Кино Партизан“, од Инстаграм профилот на Кино Партизан

Покрај институционалните и финансиските препреки со кои се справуваат организаторите на културните настани во Битола, Станиќ го истакнува проблемот на намалениот број на млади откако ќе заврши лето. Студентите се враќаат на факултет и губат четвртина од средношколската публика кога матурантите одат на факултет. За културните промотери ова значи „мал рестарт“ секоја есен, тешко е да се задржи критична маса.

Но, овие проблеми не успеале да го згаснат нивниот ентузијазам, кој и самиот Станиќ понекогаш се прашува од каде им доаѓа.

Станиќ истакнува дека Пондер е само дел од „културната ренесанса“ која се случува моментално во Битола – си ветил дека до крајот на годината ќе направи список од сите настани оваа година.

Со многу мерак ги истакнува иницијативите на сите негови пријатели и соработници. Тука спаѓаат: Парко фестивал; Метал дисчарџ фестивалот, кој имаше две изданија во 2011 и 2012 година и се врати со годишни изданија лани; и Контракадар, каде порано членувал Станиќ, кои организираат проекции на филмови со социјално ангажирани теми, проследени од дискусии за тоа како може да се делува на тие теми во нивното општество.

Фото: Дебатно Кино Конра Кадар

„Ти ако не си направиш сам, никој нема да ти направи, тоа е. Организираме пошто сакаме да гледаме некој бенд, тој бенд после ни станува другар и после ние кога ќе одиме кај нив ќе се дружиме. Тоа се искрени пријателства. Непроценливо е, нема пари што можат да ти го платат тоа. Иако искрено, по секој настан си преморен. Ама си правиш математика, дали вредеше? И сè додека одговорот по секој настан е дека вредело, се тера“, вели Станиќ.

Објаснува дека главната идеја е да се организираат настани за „децата“ и за пријателите, а не од некои очекувања дека ќе бидат некако наградени за тоа.

„Можеш само да се надеваш дека таа искра си ја пренел на некои понови генерации и дека ќе продолжат да го прават тоа. Јас секогаш велам дека имаме одговорност кон напред. Ако некој нешто направил за нас кога сме биле ние мали, не му должиме ништо нему, им должиме на следните. Ако ние инспирираме некого, нема никогаш да речам ’а јас кога правев, да не бев јас‘. Само битно е да се продолжи.“

Фото: Емилија Трајковска

Денес ќе се одржи деветтиот настан на Пондер оваа година. Ќе свират словенечкиот бенд Лелее, во кој пее битолчанецот Дамјан Маневски, со кого Станиќ бил во неговиот прв средношколски бенд. Ќе свират и My Tear, во кои свират два члена од бендот Фонија, кој биле изведувачите на првиот концерт кој го организирал Станиќ во 2013 година.

„Се вртат работите некако“, со насмевка кажува Станиќ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)