fbpx

Ако почетната плата на наставник е 29.258 денари, од септември ќе биде 32.183

За прв пат после 24 години, вработените во образование ќе почнат да добиваат регрес за годишен одмор

-

Септемвриската плата за наставниците и стручните соработници од септември ќе биде повисока за 10 отсто. Тоа значи дека ако почетната плата на наставник во основно образование, која сега изнесува точно 29.258 денари, од септември ќе изнесува 32.183 денари. Останатите плати ќе бидат повисоки, зависно од стажот на наставниците, односно од степенот на сложеност.

Плод од преговорите на синдикатите и Владата, е и регресот за годишен одмор, кој за првпат после 24 години ќе го добијат вработените во секторот образование. Тој ќе изнесува 10.000 денари. Регрес за годишен одмор ќе добијат сите вработени во администрацијата во износ од 10 илјади денари, а од следната година тој ќе изнесува најмалку 30 отсто од просечната плата.

Сепак, како што за Мета.мк велат во Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), единствено решение за вработените во секторот образование е целосно спроведување и имплементирање на постоечките колективни договори во основното и средното образование.

„Во колективните договори за секторот образование во член 34 и 35 е јасно наведен начинот на кој се утврдува платата на вработените во секторот образование. Таа се пресметува со формула најниска плата помножена со коефициент на сложеност за работно место. Во моментов, најниската плата за најнизок степен на сложеност која воедно е пресметковна единица во секторот образование изнесува 17.482 денари во бруто износ или околу 12.000 денари во нето износ и покрај фактот што во моментов минималната плата на државно ниво изнесува 20.175 денари“, велат оттаму.

По одлуката за покачување од 10 отсто на платите во јавниот сектор, од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), побараа да се усогласат платите со минималната плата во државата, а потоа на усогласената плата, да се додадат планираните 10 проценти покачување.

Инаку денеска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири на својот Фејсбук профил сподели компаративни податоци за платите во образованието и науката од 2016 и 2023 година.

„Ако наставник во основно образование во 2016 година имал нето плата од 20.300
денари, во 2023 година добива 29.250 денари, односно тоа е зголемување е за 44 отсто. Професор во средно образование добивал 21.500 денари, а сега нето платата е зголемена за 42 отсто, односно изнесува 30.400 денари“, навел министерот.

Toј напишал и дека во високото образование професорите добиле зголемување на нето платата за речиси 50 отсто, односно од 34.350 денари пред 7 години, сега таа изнесува 51.400 денари. Научните советници во јавните научни установи сега имаат нето плата од 45.000 денари, а во 2016 година таа изнесувала 34.450, што е  зголемување за 30 отсто.

Лани СОНК протестираше за повисоки плати. Издејствуваа покачување за околу 4.000 денари, а потоа во февруари добија уште 1.000 денари. Инаку, основна почетна наставничка плата во основното образование е 29.000 денари. За СОНК не е прифатлив моделот на плати што се применува во јавниот сектор, со бодови и со линеарно зголемување на платите, туку за нив е прифатлив моделот на проценти, со коефициенти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Турција ја прекина трговијата со Израел поради „хуманитарната трагедија“ во Газа

Турските власти ги прекинаа трговските односи со Израел, а турското Министерство за трговија соопшти дека мерките ќе траат се додека Израел не дозволи „непрекинат проток“ на помош во Газа, пишува...