Фото: АХВ

Откако викендов по социјалните мрежи кружеа коментари на слики од битолчанец, кој купил замрзнат микс од зеленчук, со мртов глушец во него, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопштија дека: „Поради сомнеж за физичка контаминација  (присуство на страно тело – глушец) во замрзнат зеленчуков микс „Сани фантази- Царски микс”, по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, издадена е забрана за промет на овој производ и негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава“.

Од АХВ соопштуваат дека е издадена наредба на операторот со храна, да изврши сопствена проверка на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ. Директорот на АХВ, Николе Бабовски, најави дека ќе се извршат вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа.

„Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување. АХВ ги известува потрошувачите, доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и да го прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ“, апелираат од АХВ.

Додаваат дека за овој случај кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка и дека АХВ, како одговорна институција за безбедност на храната, апелира ваквите случаи, наместо на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните. Потсетуваат дека граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до АХВ лично, писмено, електронски на [email protected] и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22.